ГЕВГЕЛИСКИТЕ ТОЧКАЏИИ ЈА ПИШУВААТ ИСТОРИЈАТА. СЕ ОДРЖА ЧЕТВРТОТО ПО РЕД ДЕФИЛЕ „ГЕВГЕЛИЈА НА ТОЧАК“

Во организација на Здружението на граѓани „Чејнџмејкерс“, и велосипедскиот клуб „Точак клуб“, и годинава во чест на 7-ми Ноември, беше одржано четвртото спортското дефиле „Гевгелија на точак“, кое ја оживеа традицијата на седмоноемвриските трки од 50-те и 60-те години на велосипед по гевгелиските улици, почнувајќи од 2020 година.
 
Спортскиот настан се одржа вчера, недела, на 12 ноември, со почеток во 14:00 часот. Стартот, како и секогаш беше пред Зградата на стариот Извршен совет, на улицата „Маршал Тито“. Вкупната должина на патеката за возење со велосипедите по гевгелиските улици изнесуваше 5 километри.
Организаторот е повеќе од задоволен од одзивот на гевгеличани. Еве што, по дефилето ни изјави Марина Томова, претседателка на здружението „Чејнџмејкерс“:
 
„Среќни сме, најнапред што се помина во најдобар ред, немаше никакви инциденти, повреди и слично, и сите учесници си заминаа со позитивна енергија од дефилето. Интересот оваа година беше над очекувањата, бидејќи на стартот се појавија речиси над 1000 велосипедисти, од најмали до највозрасни. Гевгелија е „измислен“ град за точак, бидејќи е „рамна ко тепсија“, а ние како организатори и натаму ќе работиме на подигнување на свеста кај сите гевгеличани, особено кај помладите, возењето со автомобил што повеќе да го заменат со возењето велосипед, или точак, како сакате.“
 
Настанот е поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање на спортските манифестации и настани за 2023 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *