Атлетската трка „Novembеr run 2023“, денеска по третпат се организираше во Гевгелија во организација на АК 7-ми Ноември. Убавото време, големиот број натпреварувачи, над 2000 во сите трки, како и големиот број на гледачи, на еден извонреден начин докажаа дека Гевгелија, општината и клубот 7-ми Ноември, ја подигнаа на највисок степен организацијата на самите трки со што Македонија во овој град на југот доби уште една репрезентативна атлетска манифестација.
Во трката на 10 километри, која се бодуваше за Државното првенство на долги патеки на Македонија, во машка конкуренциоја победи најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, додека во женската конкуренција најдобро време постигна Греса Бакраќи од Косово.
Во двете трки, во двете конкуренции, трката ја завршија 1000 натпреварувачки и натпреварувачи.
Инаку во сите четири трки кои беа организирани денеска, учествуваа над 2000 учесници од кои над 1000 од Македонија и шеесеттина од 15 држави. Со бројот на учесниците оваа година, атлетската трка „NOVEMBER RUN 2023“, која се организираше според правилата на ИААФ, Атлетската федерација на Македонија и согласно важечките законски прописи, со сигурност може да се каже беше најголемиот спортски настан во регионот и пошироко.
За одбележување и пофалба е и одржувањето на првата инклузивна трка во Македонија, во која учество зедоа над 500 граѓани, рекреативци, како и лицата со попреченост, под име “ТРЧАЊЕТО НЕ ПОЗНАВА ГРАНИЦИ” – RUN TOGETHER во организација на ФОНДАЦИЈАТА „ИЦЕ БЕГОВ“ и АТЛЕТСКИОТ КЛУБ „7-МИ НОЕМВРИ“ од Гевгелија.