Денес, 5 февруари 2024 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за степенот на здравствена заштита на жителите во 30-те здравствени центри во земјава.
Истражувањето покажа дека:
» Највисоки можности за здравствена заштита имаат жителите на главниот град Скопје, додека најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево.
» Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу големите градови најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево.
» Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка.
Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња.
Еден од индикаторите со големи разлики меѓу градовите е број на деца на една служба за здравствена заштита на деца од 0 до 6 години. Овде најдобро стои Виница каде на 129 деца има една ваква служба или педијатриска амбуланта. Спротивно, најлошо стојат Охрид, Прилеп и Скопје каде една ваква служба има на повеќе од 3.000 деца на оваа возраст. Во Гевгелија на 2248 деца има една здравствена служба за здравствена заштита на децата до 6 години.
Слична е и состојбата со број на жени на една служба за здравствена заштита на жени. Најдобро стои Берово со 1.388 жени на една ваква служба, додека најлоша е состојбата во Прилеп каде една ваква служба „покрива“ дури 36.000 жени. Во Гевгелија бројот на жени на една служба за здравствена заштита на жени е 1712. Три градови воопшто немаат ваква служба, односно гинеколог.
Еден од најзначајните параметри за можностите за здравствена заштита е бројот на жители на една матична ординација, односно на една служба за општа медицина. Овде, најдобро стојат три градови – Делчево, Кавадарци и Берово – во сите по околу 1100 жители на една ваква служба. Спротивно, најлошо стојат Гостивар и Кичево со два и пол пати полош „скор“, односно Гостивар со околу 3000 жители на една матична служба и Кичево со повеќе од 2700 жители на една ваква служба. Тој број во Гевгелија е 1712.
Кога станува збор за број на здравствени работници (главно медицински сестри) на еден лекар во секундарната здравствена заштита, најдобро стои Македонски Брод со 3 здравствени работници по лекар, додека најлошо стои Виница само со 0,7 сестри на еден лекар. Стандардот во оваа област е 2 сестри на еден лекар во секундарната здравствена заштита. Во Гевгелија има 2 сестри по лекар.
Сите податоци се однесуваат за 2021 година како последна година за која има расположливи и обработени податоци. 30-те градови се всушност здравствени региони, поради што опфаќаат поголем број жители отколку самите градови. Центарот за граѓански комуникации ја става на располагање во отворен формат базата на податоци врз чија основа е спроведено истражувањето за рангирањето.