ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА АВТОРИТЕ ОДБЕЛЕЖАН ВО ГЕВГЕЛИЈА

Македонските писатели и поети Стефан Марковски и Санде Стојчевски вчера учествуваа на првото одбележување на Денот на европските автори, кое годинава ќе се случи во 40 земји што се дел од програмата „Креативна Европа“. По тој повод еве што изјави Стефан Марковски, директорот на Библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија:
 
„Драго ми е да споделам дека денешното одбележување на Европскиот ден на авторите во вид на хибрид од читање/рецитал на мои творби од „Светлината во нашите вени“ и работилница за составување приказни врз основа на поезија со учениците во СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија помина во инспиративна атмосфера, со повеќе ученици од сите класови. Признавам дека работата со повеќе десетици, ако не и стотина ученици во голема просторија подразбира соочување со одредени предизвици, но верувам дека голем дел од нив ќе ги помнат денешните книжевни разговори, а оние кои се навистина заинтересирани за пишување проза или поезија, во најмала рака ќе располагаат со уште една алатка за (брзо) составување микрофикција и развивање на креативноста во врска со создавањето или развивањето книжевни ситуации.
 
Благодарност до директорот, професорите по македонски јазик и литература и сите други кои ја овозможија реализацијата на настанот кој се одбележува низ Европа во организација на најголемата писателска асоцијација Европскиот писателски совет – European Writers’ Council, а за првпат и кај нас, во моето некогашно средно училиште.
Благодарност и до македонскиот поет и литературен критичар Санде Стојчевски, кој исто така учествуваше со сопствен концепт на ова одбележување.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *