ЕРДОГАН ШАБАНОВСКИ, ТЕОЛОГ И ИСТОРИЧАР:ГЕВГЕЛИЈА СЕ СПОМНУВА ВО 1733 ГОДИНА КАКО ВАКУФНАМЕ НА ЌЕРКАТА НА СУЛЕЈМАН ВЕЛИЧЕНСТВЕНИОТ И ХУРЕМ СУЛТАН, МИХРИМАХ СУЛТАН, А ПРОГЛАСЕНА Е ЗА ГРАД НА 5 АПРИЛ 1885 ГОДИНА
Со младиот Ердоган за прв пат се запознавме во времето кога се пишуваше Монографијата за Гевгелија- 130 години град. Тогаш тој ја пишуваше својата магистерска тема „Административната структура на Гевгелија во последниот период од Османлиското владеење“, при што ни испрати фотографија од првиот званичен документ во турските Салнамиња, по наше, Главни книги, во кои се споменува Гевгелија како градска населба. Она што вреди да се спомене е дека во тој период Гевгелија имала дури 16 институции во кои работело и муслиманското и христијанското население, а за фактот дека Турците мислеле уште тогаш на соживот, покажува и фактот што заменик Кајмакам во сите населени места, па и во Гевгелија, бил христијанин. Овој факт и неговата магистерска тема за Гевгелија беа доволен повод да го реализираме овој разговор со него.
Роден сум, вели Ердоган на почетокот, на 24 септември 1992 година во Кавадарци. До четврто одделение учи во Основно училиште во Калково, а од четврто до осмо одделение учи во Основното училиште во Јосифово. Во ова училиште Ердоган запознава двајца професори кои значајно ќе влијаат на него да ја засака Историјата и истражувањето. Беа тоа професорите Звонко Вангелов и Никола Кованцалиев. На детството посебно се сеќава на убавите топли лета кои со своите другари ги поминувал во полето, играјќи ги детските игри и насладувајки се на зрелите и сочни лубеници.
Средно училиште Шабановски завршува 2011 година во Иса Бег медресата Скопје, истурена паралелка во Штип, за да го продолжи своето образование на Теолошкиот факултет во Бурса, Република Турција, при Улудаг универзитетот, на Институтот за социјални науки. Тука го завршува факултетот и магистрира на тема Османлиска Историја.


