Во Богданци деновиве, на мурал, насликан на ѕидот на Домот на културата, осамнаа ликовите на двајца познати културни дејци, родени во овој град, Ѓорѓи Колозов и Ванчо Петрушевски. Муралот го наслика илустраторката Емилија Мишева (Ем Елефантски) која ни кажа дека како Богданчанка била почестена да работи на муралот. Го работела со многу љубов, сакајќи овој мурал да ги потсетува богданчани и сите оние кои ќе доаѓаат во овој град на сонцето и ветерот на културната дејност на Колозов и Петрушевски, делата кои тие ги оставиле зад себе и нивното наследство кое има директен придонес во развојот на државноста.
„Зошто Богданци? Бидејќи јас сум од Богданци, вели во едно свое интервју, Емилија. Кога ја прочитав темата, првиот лик во свест што ми се појави, беше Ѓорги Колозов, Господ, царот е Богданчанец, ама и Ѓаоло е исто така од Богданци, Ванчо Петрушевски. Две легенди од мојот град. Првиот концепт беше многу поразличен од финалниот, но нормално креативниот процес на уметникот е едно, а да биде широко допадливо е друго. Како за прв мурал, искуството беше прекрасно. Скеле, четка, ваљак, бои сè беше тоа ново за мене. Најсрдечна благодарност до Бранко Сапламаев, директорот на Домот на култура во Богданци и до Блашко Шапов, градоначаник на Богданци. Им благодарам на сите мои луѓенца што ми помогнаа во процесот (си се знаат кои се). Муралот ми е во срце, бидејќи е за Богданчани и за моето Богданци. Да го зачуваме споменот за овие легенди, што допреле многу животи и многу генерации“, вели Мишева.