ДВЕ ГОДИНИ ОД СМРТТА НА РИСТО СТАМКОВ
Пред две години, на 83 годишна возраст почина професорот во пензија, Ристо Стамков, еден од најплодните роднокрајни писатели во Македонија, роден во Стојаково.
Покрај долгогодишната работа во просветата, собирал народни песни од гевгелиско-валандовскиот крај и го истражувал минатото на овие краишта. Има објавено 28 книги и две збирки со народни песни, а е коавтор на Монографијата за Гевгелија.
Професорот во пензија , Ристо Стамков е личност која во себе соединува три големи љубови, љубовта кон пишувањето, љубовта кон историјата и љубовта кон музиката.
По тој повод го преобјавуваме неговото последно интервју за ТВ Нова 12, направено на 24 декември 2021 година.
Љубовта кон пишувањето ја има стекнато слушајќи ги многубројните приказни од неговиот дедо Ристо Шутов и од Гоце Каракабаков. Неговата прва книга излегува во далечната 1979 година во рамките на манифестацијата „Дојрански ракувања“.
Љубовта кон музиката ја стекнува прв пат слушајќи го звукот на виолината во Стојаково, звук кој засекогаш ќе му го плени срцето.
Отсекогаш го привлекувала историјата, па така сите негови книги ги создава проучувајќи ја историјата на неговиот роден крај.
Ристо Стамков има завршено две виши школи и еден Факултет, едната е Прв степен на музичката академија во Белград, на отсекот виолина, втората е Виша педагошка на отсекот за македонски и српски јазик, а Филозофско историскиот факултет го завршува во Скопје.
Работниот век, интересно го минува во три различни места, во неговото родно Стојаково, каде предавал македонски и историја, во Битола, во тамошното Музичко училиште, како и во Гевгелија во ООМУ Васо Карајанов.
30 години бил раководител на „Распеани гевгеличани, а 10 години ја водел женската пензионерска пејачка група „Сава Михајлов„
За својата последно издадена книга „ Село Смоквица, минато и сегашност“, Стамков ќе рече:„Поттикнат од сознанието дека населеното место Смоквица има богата традиција и историја, како и од фактот дека од ова село излегле повеќе видни имиња кои оставиле своја трага, не само во Гевгелија, туку и во Македонија, се нафатив да напишам една пообемна книга, која ја пишував подолго време.
Развојот на населбата го презентирам од почетокот на неолитот(новото камено време), па се до денешните времиња во кои информатичката технологија доживеа невиден напредок.
Пределот околу Смоквица е богат со археолошки наоѓалишта, па така во наоѓалиштата во Градиште, Туфка, Мраморот, Падарник, Голи рид, се откриени артефакти кои потекнуваат од неолитот, Пеонското време, бронзениот период, и пронајдоци од средниот век.
Потоа го опфаќам во мојата книга и Османлискиот период, во кое време се појавуваат личности како Иван Касапов, Тодор Гајдов, Христо Петров и посебно Коста Христов Делиманов, викан Попето, познатиот гевгелиски војвода.
Инаку, од село Смоквица во книгата се наброени познати имаиња, како што е познатиот македонски публицист и историограф, Ангел Динев, чие дело Двотомната Илинденска Епопеја е реиздадено во 1978 година.
Во Смоквица е роден универзитетскиот професор, доктор Владо Картов, кој предавал Историја на државата и правото, и автор на книгите „Гевгелија до Балканските војни“ и „Гевгелија од Првата светска војна до ослободувањето“.
Ова населено место може да се пофали со двајца стручњаци по земјоделски науки, Лазар Алиџаков и Лазар Марачков, еден доктор на воени науки, Томо Ристевски, докторот по медицин, Боро Костаќев, како и првата жена од овој крај која завршила Педагошки факултет Стојанка Богоевска (Бундова ).
За реализација на овој труд, Ристо Стамков имал огромна помош од Слободанка Дуева и Дамјан Ѓуров, директори на Библиотеката „Гоце Делчев“, како и Ѓорѓи Дебников, а околу техничкиот дел се потрудила печатницата „Софија“ од Богданци како и Валентина Попова и Јован Роглев.
На крајот Ристо Стамков ни кажа дека не мирува и дека во завршна фаза се три книги, едната за селата Давидово и Милетково, втората „Приказни од животот“ и третата „Збирка стари љубовнии песни од гевгелискиот крај“.

Прегледи: 420