Две години поминаа од смртта на првиот официјален диск-џокеј во Македонија, легендарниот Михаил Бошковски , кого јас а и сите други го познаваа како Мице диџеј. Единствено за него композиторот Димитар Масевски напиша и песна насловена , „Еј, еј, Мице диск џокеј“.
Го знам уште од Мусандра, од „старото“ Радио Скопје, каде започна со емисијата „Клуб на дискофили“, и соработник на „Три гонга“, а потоа и од Македонското радио каде водеше евергрин емисии, кои беа неговата омилена музика, снимени на километри и километри магнетофонска лента.
Смртта е страшна работа, но некои луѓе имаат можност да бидат бесмртни затоа што зад нив останува нивното дело. Еден од нив беше и Михаил, Мице Бошковски.
А нам ни останува да буричкаме по своите спомени и да се сеќаваме на неговите емисии „Добар ден , среќен ден“, „Кажи зошто ме остави“,„За сите времиња„, емисии во кои Мице си ги пушташе песните за своја душа и тоа во негов стил на најавување – кратко и ефектно.