ДВЕ ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ДИМИТАР ГАСПАРОВ-ГАСПАР.

„УМЕТНИЦИТЕ СОЗДАВААТ ЗА ДА ПОСТОЈАТ“

Деновиве се навршуваат две години од смртта на гевгелиската ликовна легенда, Димитар Гаспаров – Гаспар. Гаспар, кој припаѓаше на сликарите од средната генерација на гевгелиската ликовна школа. Беше плоден автор, кој создаваше графики, слики и скулптури. Мешајќи различни медиуми, Гаспаров создаде свој уникатен и препознатлив уметнички стил.
 
Димитар Гаспаров е роден во 1938 година во Гевгелија, заврши Уметничка школа во Скопје, а Уметничка Академија во Белград. Беше член на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија и на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Во 1960 година преку самостојна изложба Гаспаров за прв пат се претставува пред гевгелиската јавност, а подоцна тоа ќе го стори уште седум пати. Излагал и во другите градови во Македонија, во екс Југославија, како и во странство, во Германија, Шведска и САД.
 
Илија Карајанов, во една прилика, за гевгелиските ликовни творци, меѓу кои високо место завзема токму Гаспар ќе запише:
„Во неколку прилики по повод отворањето на ликовни изложби од гевгелиски уметници од страна на академик Георги Старделов и д-р Димитар Ќорнаков беше спомнато дека веќе може да се говори за гевгелиска ликовна школа.
 
Светот на гевгелиските уметници претставува следење и осмислување на еден постојано буден дух, потрага по есенцијалните вредности. Трагањето по хармонијата на боите значи “ носталгија по апсолутот ”, рекол Албер Ками. Да се сфати светот, тоа значи да се сведе на хуманистички возгледи и да се откријат мистичните предели на медитеранските етички и естетски вредности.
Уметниците создаваат за да постојат. Тие креираат за да бидат на сончевата страна на вистината. Тие градат мостови меѓу две епохи, меѓу времето сегашно и времето идно. Нивниот дух е вечно буден архипелаг низ меандрите на минливоста и Сизифовата истрајба.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *