Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ, ЕПИДЕМИОЛОГ:

„ОВАА ГОДИНА ОЧЕКУВАМ МАЛКУ „ПОАГРЕСИВЕН“ ГРИП ОД ЛАНИ“
 
Сезоната на респираторни инфекции започна , иако сè уште нема значително студено време и групирање на луѓе во затворени простории. Во текот на 46-та недела од 2023 година, од 13 до 19 ноември 2023 година, во Македонија се пријавени 64 случаи на групни пријави за заболени од грип.
Што се однесува до ковид ситуацијата во нашата држава во текот на месец октомври, пријавени се вкупно 535 заболени од ковид. Во однос на претходниот месец септември 2023 , се регистрира намалување на бројот на пријавени од КОВИД-19 за 37,4%.
 
Докторе, каква е ситуацијата со грипот во Гевгелија, но и во Македонија?
 
„ Околу 30 отсто од светската популација добива грип секоја година. Може да кажам дека вирусот на грип оваа година пристигна порано од вообичаено. Сега за сега грипот не ни прави некои поголеми проблеми, во Гевгелија нема пријавено сеуште случај на заболени од грип, додека на ниво на целата држава пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип. Но, очекувам оваа година малку „поагресивен“ грип од минатата година, и поголема трансмисија од едноставна причина што практично немаше вирус на грип за време на пандемијата на Ковид. Во медицината е познат феноменот на мешање на вирусот, каде што еден патоген инфицира друг. Кога короната беше доминантна, вирусот на грип беше потиснат и отсутен, и сликовито кажано, тој “одмараше“.
 
Во тек е вакцинацијата против грип, ги добивме вакцините на време, и забележувам дека интересот за вакцините е поголем од минатата година. Особено кај повозрасната популација и кај пациентите со хронични заболувања. Како пример ќе ја земам Гевгелија, ако минатата година се вакцинираа 1670 граѓани, оваа година очекувам таа бројка да надмине 2000. Тоа е посебно важно, затоа што кога ќе започне сезоната на вируси и кога ќе се зголеми бројот на заболени пациенти, ќе бидеме подготвени со еден зголемен колективен имунитет поуспешно да се спротивставиме на вирусот на грип. Како и секоја вакцина, може да кажеме дека и оваа не е сто проценти ефикасна, но значително ја намалува хоспитализацијата и смртноста. Имајќи предвид дека секоја година има мали промени кај самиот вирус, а бидејќи имунитетот на вакцината или имунитетот по претходна инфекција е од шест до 12 месеци, затоа се препорачува вакцинација секоја сезона а граѓаните да се вакцинираат пред почетокот на сезоната. , со оглед на тоа дека за стекнување имунитет се потребни две до три недели“.
 
Што се случува со коронавирусот?
 
„ Тој вирус, сега за сега ни е „мирен“, и, доколку нема некои подрастични промени, не очекувам некои посериозни проблеми со овој вирус. Има случаи на заболени пациенти од кои 1/3 се реинфекции, што е добро за колективниот имунитет. Вирусот циркулира низ населението, нема некоја посериозна симптоматологија а речиси 80 отсто од тестираните граѓани биле негативни на ковид. Како што е познато, на 5 мај 2023 година, Светската здравствена организација објави дека повеќе не ја смета болеста СОВИД-19 за опасност за јавното здравје. Таа ќе биде трајно присутна кај населението, со помал или поголем интензитет, а добро е што со секоја мутација вирусот го губи потенцијалот да остави посериозни последици кај лицата што се заразени.
Симптомите може да вклучуваат покачена телесна температура, губење на чувството за вкус и мирис, болки во грлото, кашлица, замор, течење на носот. Овие симптоми се слични на оние на слаба респираторна инфекција.“
 
Докторе, кога може да се очекува пикот на вирусот на грип кај нас?
 
„Вирусот на грип обично достигнува епидемиски нивоа на крајот на декември, почетокот на јануари и обично трае од осум до 12 недели. Бидејќи оваа година, тој дојде нешто порано, очекувам пикот да биде во периодот по Нова година , кога започнува зимскиот распуст на учениците и кога има голем број на празници. Пикот на кривата го очекувам кон средината на јануари, кога , би требало постепено таа крива да опаѓа. Сепак, ќе има уште едно мало издигнување на кривата кон крајот на февруари и почетокот на март.
 
На крајот, која е вашата препорака?
 
„ Препорачувам да се вакцинираат граѓаните на возраст над 65 години, како и оние граѓани кои имаат оштетен имунолошки систем, на кои им е извршена трансплантација на органи или имаат автоимуни заболувања. Ова се категориите за кои се препорачува вакцинација, бидејќи грипот може да има потежок тек кај нив.Грипот може да биде проследен со бактериска пневмонија која е сериозна компликација“,вели доктор Олумчев.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *