ДЕНЕСКА E СВЕТИ СЕДУМ МАЧЕНИЦИ МАКАВЕИ. ЗАПОЧНУВААТ БОГОРОДИЧНИТЕ ПОСТИ
Во животот на нашиот народ макавејските денови имаат важно место. Според нив се прогнозирало времето и се планирале поважните работи.
На први август според стариот календар (или на 14 според новиот) што се совпаѓа со започнувањето на Богородичните пости се празнува празникот на седумте браќа, маченици од Макавејскиот род за кои пишува во Стариот завет на Светото писмо (Библијата).
Богородичниот, односно Успенскиот пост настапува еден месец после празнувањето на Соборот на светите апостоли Петар и Павле, а пред големите празници на Преображението Господово на гората Тавор и Успението на Божјата Мајка (познат во нашиот народ и како Голема Богородица). Успенскиот пост трае две седмици, од 14/1 август, до 27/14 август (н.ст./ст.ст.).
За разлика од Великиот и Петровденскиот пост, овој пост не започнува секогаш од понеделник, односно неговиот почеток може да се случи во било кој ден од седмицата.
Во народот празникот Макавеи се држи како тежок празник. Во некои места се смета дека овие празнични денови се шест, во други дванаесет. Во цела Македонија според тоа какво ќе биде времето во текот на овие денови се прогнозира времето за следните шест месеци (зимскиот период) или за целата година.