ДЕНЕС ВО ДОЈРАН ЗАПОЧНУВА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ПРЕКУ ЕЗЕРОТО“
Со проекција на анимирани филмови за деца, синхронизирани на македонски, како и проекција на филмови за деца и младинци, вечерва во 20 часот, во Детскиот парк во Стар Дојран започнува третото издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“ .
Во четврток, на 8 август, во 11 часот е студентската програма, за оние студенти кои аплицираа на конкурсот на финансиска поддршка на дипломски филмови, за да вечерта во Амфитеатарот во Дојран, во 20 часот биде претставен видео омаж на филмови на Владо Јовановски.
Свеченото отворање е во петок, на 9 август, во 20 часот, во Амфитеатарот во Стар Дојран. Најнапред ќе биде доделена НАГРАДАТА МЕТО ЈОВАНОВСКИ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот на актерот Владо Јовановски Официјалната селекција „Спроти брановите“ ќе биде отворена во 20,30 часот со краткиот македонски игран филм „Параноик“ на режисерот Андреј Георгиев, а потоа ќе биде прикажан „Руски конзул“ во режија на Мирослав Лекиќ, филм во кој Мето Јовановски го имаше последното актерско појавување. Вечерта ќе ја затвори францускиот филм „И покрај тоа што е ноќ“
На 10 август, сабота, публиката во Амфитеатарот, во натпреварувачката програма ќе ги проследи филмовите „Дали си маж“ од Македонија, „Сребрен бунт“ од Израел, „Волкот и мачката“ од Франција, „Тишина 6-9“ од Грција, „Човекот кој не можеше да молчи“ од Хрватска и „Балада“ од Франција.
Свеченото затворање на фестивалот е во недела, на 11 август, кога ќе бидат доделени фестивалските награди, како и доделување на грантовите за дипломски студентски филмови.
Прегледи: 75