Денеска е Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец, овој свет маж е наречен Богоносец затоа што постојано во срцето и на јазикот го носел името на живиот Бог. Го воведе антифонскиот начин на пеење во Црквата, т.е. наизменично пеење на две певници.
На овој ден започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово – Божик и затоа се нарекува и Прв Божик. Празникот секогаш е пет дена пред Божик и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници
Во Гевгелиско, Свeти Игнат бил сметан за тежок и „уд огин аталија празник“. Особено го држеле за голем празник и не работеле жените што имале деца. На овој ден се колеле свињи и сучеле сарлии за Божик. Некаде се меси колач и се раздава на децата, но пред тоа тие се потегнуваат за ушите, за да пораснат што поголеми во новата година
Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.