Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Крстана, Кристина, Христина, Кристијан…
Во Гевгелиско спроти овој ден свештеникот одел по куќите и светел вода, а жените земале од котлето вода за замесување на квасец. Свештеникот читал молитви за богат род и ги пеел семињата за новата сеидба, а тоа го правел и на самиот ден на Крстовден.
Празникот Воздвижение на чесниот крст, во народот познат како Крстовден, се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.
Наоѓањето на чесниот крст врз кој бил распнат Исус ѝ се припишува на царицата св. Елена мајката на славниот цар св. Константин Велики, основоположникот на Цариград (Константинопол) и првиот император што ја признал христијанската вера.