ДЕЛ ОД БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ НА ПОГЛАВАРОТ НА МПЦ – ОА Г.Г. СТЕФАН

„ ХРИСТОС Е НАШИОТ МИР, КОЈ НЕ ИЗМИРИ СО СВОЈОТ ОТЕЦ, ПРЕКУ СВОЕТО ВОПЛОТУВАЊЕ“
 
„Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот, зашто, според зборовите на свети Григориј Богослов, пред овој спасителен настан се беше отворила „голема и непремостлива провалија“, меѓу Создателот и првиот Адам. Но, со раѓањето на Богомладенецот се објави Божјата неизмерна добрина и Неговото човекољубие победи. Затоа и нашиот свети Климент Охридски, созерцавајќи го Рождеството Христово, воскликнува: „Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева; и Бог станува Човек, за да ја обожи човечката природа“ .
Па, да се радуваме со непоминливата радост од таа Витлеемска ноќ, со радоста на ангелите, со радоста на пастирите, со радоста на мудреците, да се радуваме со сите коишто во изминативе дваесет столетија се радуваа на тој спасоносен и неповторлив настан!
 
Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,
Иако поминаа повеќе од две илјадалетија од овој Божествен настан, нештата во светот не се променети. Така е зашто човечките добродетели, но и човечките слабости, остануваат исти во секоја епоха, а слободата е неотповиклив дар Божји за човекот. И денес гледаме страшни поделби во светот. Изгледа како омразата да царува, а љубовта да згаснува. Се чини дека човештвото никогаш не било толку поделено и спротивставено. Братоубиствените војни леат реки од невина крв, која не е различна од онаа на витлеемските младенци. Поделби гледаме и внатре во Црквата.
 
Православието никогаш не доживеало толкава подвоеност и внатрешно неединство. За жал, поделбите на различни основи не ја одминуваат ниту нашата македонска земја. А духовното и национално единство ни е попотребно од било кога, за да можеме како Црква и како народ да опстоиме и да зачуваме сѐ што е наше – македонско. Па се поставува прашањето: што можеме да направиме тука ние како Црква? Можеме да го направиме токму тоа за што сме повикани – да се обединиме и да се обединуваме, онака како што некогаш се обединија луѓето и ангелите пред Витлеемската пештера. Само така ќе го исполниме Христовиот повик од Гетсиманија: да бидат сите едно . Вакво обединување е можно само со Христа и во Христа, Кој единствен го помири небесното со земното.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Честито и од Бога благословено Новото 2024-то лето Господово!“.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *