Телевизија Нова 12 на сите медицински сестри од Општата болница со проширена дејност во Гевгелија им го честита Меѓународниот ден на сестринството, им посакува добро здравје пред се и издржливост во благородната мисија што секојдневно ја имаат, грижејќи се за нашето здравје, но пред се и за здравјето свое и на своите најблиски.
Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки одржа свечена академија по повод Меѓународната недела на сестринството со која се одбележуваат 5 Мај – Меѓународен ден на акушерките и 12 Мај – Меѓународен ден на медицинските сестри.
Академијата ја отвори претседателката на здружението, Велка Лукиќ, која нагласи дека медицинските сестри се темелот на здравствените системи, а во својот говор се фокусираше на предизвиците со кои се соочуваат – недостигот на овој кадар поради одливот од земјава и, од таа причина, и преоптовареноста на оние што останале да работат во нашите здравствени установи.
На Свечената Академија во чест на Меѓународната недела на сестринската професија, беа доделени признанија за најхумана медицинска сестра за изминатата година, а се одржа и донациски базар за медицинските сестри кои се лекуваат од малигни заболувања – „Сестрите за сестрите“.