Во организација на Кралските Извидници од Гевгелија, овој прв викенд од месец декември, од 3 до 5 декември, пред Народниот театар, е поставен извидничкиот логор за дружење и нови искуства за дечињата и тинејџерите од општина Гевгелија.
„Божиќ секого од нас не асоцира на топлина, семејство, топол чај и убаво, заедничко дружење. Божиќниот базар во Гевгелија е проект кој прв пат го организираме и планираме да прерасне во традиција, не само во Гевгелија, туку и во другите градови. Идејата ја добивме пред неколку години кога помагавме на сличен базар во Германија“, велат Михаил и Катерина Колеви, едни од организаторите.
Го посетивме базарот и навистина атмосферата е прекрасна. Иако далеку од Божиќ, сепак граѓаните на Гевгелија, особено оние најмладите, овој убав сончев ден уживаа во целиот амбиент.
Инаку, на овој тридневен настан, насловен како „Божиќен базар“, се одржуваат извиднички работилници со натпреварувачки карактер и тоа за: јаже и врзување јазли, прва помош, ракување со алати, врзување и ориентација. Победникот на извидничките работилници ќе биде прогласен на свечената манифестација, добивајќи специјална награда, денес, сабота, на 4 декември, во Големата сала на Народниот театарГевгелија. На оваа манифестација ќе биде презентирана и Програмата на Кралските Извидници, а свое обраќање ќе имаат Националниот Командант на Кралските Извидници од Гевгелија и Командантот на Одредот 421 од Билефелд, Германија. Во недела, на 5 декември, продолжува дружбата на извидничкиот логор пред Театарот со кафе, чај и вафли.
Кралски Извидници првично се формира во 1962г. од страна на Џони Барнс во САД. Во 1981г. идејата е презентирана во Германија, а следната година е одржан првиот тренинг камп во Швајцарија. Како водач во Европа поставен е Ханс Питер Нек од Швајцарија. Денес оваа програма се користи во многу европски земји, вклучувајќи ја и Македонија.
Првиот камп за обука на водачи се одржа во Мај 2000 година на планината Скопска Црна Гора под водство на Ханс Питер Нек.
Кралски Извидници, како извидничка организација ги учи младите извидници на многу практични и корисни работи, но и го гради нивниот карактер и морални стандарди