БОБАН ХУСЕНОВСКИ, АРХЕОЛОГ :
„ВЕРУВАМ ДЕКА ДО ВРАЌАЊЕТО НА „ДАМАТА ОД МИЛЦИ“ ВО НУ МУЗЕЈ ГЕВГЕЛИЈА, ТАА ЌЕ БИДЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА ИСКЛУЧИТЕЛНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА МАКЕДОНИЈА.“
Со последното гостување на северноамериканскиот континент, ”Дамата од Милци” во Канада ќе остане се до јануари 2025 година, кога е планирано и свеченото затворање на изложба. Во рамки на македонската поставка, покрај поединечните наоди “Олтарот-жртвеникот од Врбјанска Чука” од Прилеп; “Скиптарот од Шуплевец” од Битола, изложени се и сите 17 бронзени предмети од интактниот гроб 111, т.н. гробот на ”Дамата од Милци”, откриен во 2014 година на некрополата Милци кај Гевгелија.
Што се однесува до гробните целини, каква што е ”Дамата од Милци”, поради својата референтност во науката и на изложбата, претставени се на повеќеслоен начин, во обид на посетителот да му ги пренесат обичајните околности при погребувањето, односно изворната состојба на телото при откривањето. Со оглед, како што кажавме дека оваа статија ја правиме “со поглед од дома”, повеќе ќе се осврнеме кон нашата ”Дама од Милци”.
Пристапот кон гробни целини на изложбата, пред сѐ е фокусиран на изворниот археолошки контекст, положбата на телото и прилозите на и покрај покојничката, врз чиј цртеж се поставени оригиналните гробни прилози. До стаклената витрина (во улога на “сандак-циста”), поставена е илустрација на која е претставена идеална реконструкција на покојната особа во натприродна големина.
На неа доминира личниот накит, култните бронзи, а посебно уникатната култна палка, односно статусните симболи со кои оваа покојничка се издвојува од сите други пронајдени во Гевгелија и идентичниот културен простор во Долно Повардарје, поврзан со железното време. Да нагласиме уште еднаш, во цистата во која е откриена ”Дамата од Милци” и која е датирана во почеток на VII век пр.н.е., за прв пат е откриена култна палка во изворна положба, статусен и култен симбол на пајонското верување во Сонцето, споменато во античките извори.
Валоризацијата на нашето културно наследство на меѓународен план, во случајов во престижни музејски институции на североамериканскиот континент, проследена со позитивни реакции на посетителите и стручните работници, нѐ обврзува, уште еднаш да се преиспитаме дали доволно го познаваме и соодветно се грижиме за него.
Веруваме дека до враќањето на ”Дамата од Милци” во НУ Музеј – Гевгелија, таа во рамки на законската процедура која е во тек, ќе биде прогласена за културно наследство од исклучително значење, како таква прва во својата матична установа и една од ретките во Република Македонија.
Прегледи: 285