Предлог-законот е поднесен на 3 април од Арбер Адеми и група пратеници од ДУИ, а ставен е на дневен ред на денешната седница, за. Според Предлог-законот, се дополнува членот 65 , согласно кој изведувачот на градежните работи на проекти од државен интерес има обврската да го пријави откритието до надзорниот инженер, наместо до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи. Предлог- законот ги намалува обврските на изведувачите на градежните работите на проекти од државно значење кои произлегуваат од случајното наоѓање на археолошко наоѓалиште и археолошки предмети.
Орданче Петров, претседател на Македонското археолошко друштво апелираше до пратениците дека не смеат да дозволат надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство, и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културното наследство да решава што е културно наследство.
„Пратеници, отворете ја Археолошката карта и ќе видите дека во регионот каде се предвидени инфраструктурните зафати за Коридорите 8 и 10д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети, кои не се случајно откритие. Што со нив? И со нив ли ќе постапува надзорен инженер? Па, Законот за заштита има предвидени одредби за постапување со културното наследство при изведување на инфраструктурни проекти, кои важат за сите, а треба да важат и за овој проект. Дали сте свесни дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, под заштита на Унеско? Пратеници, свесно уништување и прикривање на културно наследство е кривично дело, без преседан кога во тоа е вклучено највисокото тело на државата која всушност треба да се грижи за истото“, рече Петров.