Екипи и механизацијата на ЈПКД„Комуналец“ започнаа со чистењето на расфрланите поголеми количини на комунален отпад и градежен шут на недозволени локации, во близина на Миравци и Смоквица. По целосното собирање на отпадот, на исчистените локации ЈПКД„Комуналец“ постави ознаки за забрането фрлање на отпад.
Градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов, при обиколката на локациите кај Миравци и Смоквица, изјави дека заштитата на животната средина е една од приоритетните задачи. За таа цел ќе бидат реализирани повеќе акции и проекти, но, најпрво, како што самиот нагласи, добро е да ги исчистиме расфрлените отпадоци, кои ги има насекаде, поточно, крај секое населено место. Притоа, најави дека акцијата за чистење на непрописно расфрланиот комунален отпад ќе продолжи и во другите населени места во Општината, каде што се присутни вакви диви депонии.
Од негова страна, како и од страна на в.д. директорот на ЈПКД„Комуналец“ Раско Чочков, беше упатен апел до граѓаните, кои живеат во близина на овие населени места, сметот да не го фрлаат на недозволени локации. На тој начин во иднина ќе немаме повторно новосоздадени диви депонии. Од своја страна ЈПКД„Комуналец“ ќе продолжи со навременото собирање на контејнерите поставени во населените места, согласно распоредот за подигање на сметот.