АНА КРИСТИНА СТАМКОВА И ГАБРИЕЛА КОСТЕВСКА ОД СОУ „БОГДАНЦИ“ НАГРАДЕНИ НА КОНКУРСОТ ЗА ЕСЕЈ НА ЗДРУЖЕНИЕТО „САНО“

Ана Кристина Стамкова и Габриела Костевска, ученички од 3-5 клас од СОУ „Богданци“, Здравствена струка, чиј ментор е професорката Верица Ризовска, се наградени, Ана со прва награда а Габриела со пофалница на конкурсот на тема „Јас сум пријател на децата во болница“.

Арс Ламина“ ги награди најдобрите на конкурсот „Jас сум пријател на децата во болница“ во организација на Здружението САНО. Средношколците, на дело покажаа колку се вешти со зборови. Емпатијата, љубовта и надежта преовладуваа во стотиците есеи кои ги добивме. Тинејџерите покажаа како треба да се биде прав другар на децата во болница.

Победниците беа наградени со дипломи и книги во наше издание, на настан што се одржа денеска (5 март) во книжарницата Literatura.mk во „Ист гејт мол“.

Конкурсот се одржа со цел да се даде меѓуврсничка поддршка на децата згрижени во болниците, со намера да им се олесни процесот на лекување и да им се даде надеж за побрзо закрепнување. Учениците од основните училишта учествуваа со ликовни творби, а средношколците со есеи на оваа тема.

За наградените, издавачката куќа „Арс Ламина“ обезбеди сетови со книгите за млади.

 

Јас сум пријател на децата во болница

 

               Животот е низа на добри и лоши моменти. Тркало кое постојано се врти. Во моментот кога ќе помислиш дека си на чекор доцелта, наидуваш на пречка која ќе те врати два чекора назад. Но да живееш, значи, да се бориш. Да се бориш со сите потешкотии и проблеми и да стоиш исправено пред предизвиците кои се поставени на патот кон успехот. А пак среќата, тоа е нешто што сите го имаме. Некои, додуша, повеќе од другите. Тaa е алка во синџирот што го променува животот на една личност, а со тоа и неговата иднина.

               Ја почнувам оваа своја приказна, можеби, корисна и за другите. Но за мене поучна и засекогаш останувајќи во сеќавање како минлив период од таа тешка 2018 година. Ме научи дека животот не е едноличен, дека има и добро и зло, среќни и лоши моменти, победи и порази, солзи и смеа. Ме научи да учам од грешките, дека не постои гаранција, дека патот секогаш продолжува, а времето не запира. Правејќи ме горда дека сум дете на мајка која е херој. Личност на која ѝ се восхитувам на нејзината решителност, храброст и добродушност, па дури и во борбата со ракот. Исправена со насмевка и ведрина пред суровата патека, се искачи до врвот на стрмната планина. А јас се радував на нејзината победа, затоа што беше доказ за тоа дека на крајот од тунелот секогаш има светлина. Болеста на мајка мѝдаде друга смисла на мојот живот. Помислувајќи на дечињата кои страдаат од оваа болест, се појави желбата – да бидам хуман и благороден пријател на децата кои се лекуваат во болница. Се одлучив во 2021 година мојата коса да биде дел од животот на некое девојче кое води битка со ракот. Девојчето со глас на славејче кое ми рече: ,,Ти благодарам, ме направи да се почувствувам како принцеза од сказните!”, за прв пат во мене го пробуди чувството на блиска пријателска игра преку телефон. И оттогаш сфатив дека не е важно дали пријателството се одржува преку средби, туку и на виртуелен начин преку парчето коса за кое тие мечтаат во победувањето на битката. Така станав пријател на децата во болница. Со желба таа врска да стане поцврста со исполнување на мојот сон да бидам онколог и заеднички да се бориме со ракот. Да ги разбудам слабите клетки во нивните тела, да ги развеселам со разни игри и да ги уверам во тоа дека болницата не е мрачно место, туку светло небо каде се раѓа сонцето – идзвојување на победа и славење на животот. Одбележувајќи ги со ѕвонежот на ѕвончето, продолжувајќи да битисуваат и да се радуваат со своите најблиски. И така едните ќе добијат светлина и радост во своите срца, а пак другите

 

чувство на задоволство и вечен спомен на своите големи дела, благодарение на хуманоста и солидарноста.

                Затоа сите заедно да внесеме светлина во нечиј живот, да помогнеме и да ги споиме двете страни на реката, да бидеме сите заедно среќни и исполнети. Хуманите дела и солидарноста да бидат еден огромен поттик за сите нас, поттик кој ќе не натера да размислуваме рационално и правилно. Нивната вредност е непроценлива.

 

Ана Кристина СтамковаIII5

СОУ„Богданци“ Богданци

Ментор: Верица Ризовска

 

                               Јас сум пријател на децата во болница

 

Има личности, погледи, зборови… дури и допири кои засекогаш остануваат врежани во нашите срца. Пролетното попладне кое никогаш нема да го заборавам, едноставно не би можела да заборавам.

Бев во туѓа земја, непознати градови, улици.. не познати ликови, но сепак еуфоричен одмор за две пријателки. Шетајки низ густиот метеж на градот, за миг погледот ми избега малку повисоко од вообичаено. Покрај синото небо и малите облачиња, погледот ми го привлече бела обична зграда налик сите останати, но ми го задржа вниманието на миг, погледот ми се стационираше во еден прозор.. Морав да подзастанам, на прозорецот здогледав мали очиња, иако беа мошне далеку од мене, од нив зрачеше искреност и надеж… Девојчето иако немаше коса, ја имаше најубавата насмевка која дотогаш сум ја видела, возвратив со насмевка, но потоа морав да ја продолжам турата низ градот. Сѐ беше непознато и ново за мене во тој град, но погледот на девојчето како да го познавав веќе долго време. Јас заминав, но долго потоа нејзината насмевка продолжи да ми ја гали душата… како никогаш до сега. Вечерта кога се вративме во хотелот сѐ уште бев под дејство на магичната насмевка на малото срниче. Малку истражував за белата зграда, за жал моите претпоставки се покажаа точни, таа беше зграда на најголемите супер херои т.е одделение за онколошки болести. Седнав на балконот со прекрасен поглед, прво нешто што го сторив беше тоа што се заблагодарив на Бога, успех е да се поседува она по што копнееме, но среќа е да го посакуваме она што го имаме. Повеќето од нас не го сфаќаат вториот дел од реченицата. Не сфаќаме колку сме среќни што имаме две раце, две нозе, уши за да слушаме.. како и глас за да бидеме слушнати. Долго време седев сама со своите мисли.. конечно дојде утрото, а јас морав да ја замолам пријателката да навратиме повторно низ онаа долга прометна улица, мислев дека ќе ме смири доколку ја видам повторно на прозорот. Одејќи натаму здогледав мала кадифена играчка, тоа беше срниче со огромни сини очи.. повторно се сетив на погледот полн со надеж за ново подобро утро… и да ја зедовме играчката и продолживме по улицата. Кога конечно стигнавме пред зградата на суперхерои, со погледот ја барав ‘‘пријателката’’ но ја немаше. Без колебање влегов внатре, одејќи по скалите размислував како би ја нашла и што би и рекла кога не го знам ни нејзиното име. На крајот на ладниот ходник се слушаа насмевки. Го следев гласот на веселите џагорчиња, херојот со најубавата насмевка на целиот свет штотуку заѕвони на големото ѕвонче, во знак дека од битката излезе како победник. По неколку мига се сврте, со крупните очиња ме препозна во толпата, веднаш се стрча кон мене.. јас бев исто толку изненадена како и останатите во ходникот. Се стрча и ме прегрна небаре сме стари пријателки, веднаш и ја подадов кесата со играчката, беше пресреќна со прекрасен сјај во очите, но изнемоштена од последната хемотерапија.. набргу заспа, беше како сончев зрак(Елени) како што гласеше нејзиното име. Малку поразговарав со нејзината мајка која е исто така голем борец. Елени имаше неполни шест години, а на само четири години и дијагностицирале леукемија, но Елени никогаш не се откажала од својата шармантна насмевка.

 Исто како што јас никогаш нема да го заборавам тоа патување полно со вистински чувства и емоции.. се разбира и Елени која е мојата најмала пријателка, а воедно и најхраброто дете со огромно срце и прекрасна насмевка… мојот идол.

 

Габриела КостевскаIII-5

СОУ„Богданци“ Богданци

Ментор: Верица Ризовска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *