АК „7-МИ НОЕМВРИ“ ЈА ПОДГОТВУВА ПРВАТА ТРКА „NOVEMBER RUN GEVGELIJA 2021“
Членовите на Атлетскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија забрзано работат на организацијата на првата улична трка „NOVEMBER RUN GEVGELIJA 2021“ која би требало да се организира, на 6-ти или 7-ми ноември 2021 година по повод Општинскиот празник 7 Ноември. Како што не информираа од клубот, нивната идеа е да бидат организирани три трки, и тоа на 10 км, на 5 км, како и детска трка на 1 км. Според нив, стартот и целта на оваа интересна трка би бил пред Народниот театар во Гевгелија, а би се трчало по главните улици во централното градско подрачје, како и по Булеварот Гевгелија.
Подготовките околу пријавувањето на учесниците, мапирањето на патеката, изработката на пакетите за трчање, кои секој учесник ќе ги подигне еден ден пред трката, предвидено е да започнат во месец јули.
За оваа трка, веќе е остварена официјална средба и со Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој даде поддршка на оваа трка, и вети помош при нејзината реализација од соодветните локални институции. Според членовите на АК „7-ми Ноември“, ваквата трка, која треба да стане традиционална, многу ќе допринесе не само за афирмација на масовниот спорт во општината, туку ќе биде одлична можност за туристичка промоција на самата општина , која располага со голем број на културно историски паметници, како и природни убавини со кои ќе може да се запознаат учесниците на трката од Македонија, а зошто да не и од странство.