9-ТИ МАЈ – ДЕН НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ. ЗА ТАА ПОБЕДА ГЕВГЕЛИСКИОТ КРАЈ ДАДЕ 115 ЖРТВИ
Иако Гевгелија е ослободена на 7 ноември 1944 година, а некои градови и порано, сепак фашизмот во Европа и во светот не беше поразен се до 9 мај 1945. Затоа, светот денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот. На тој ден, со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна која однесе повеќе од 50 милиони животи.
Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.
Гевгелиско даде вкупно 74 паднати борци и жртви на фашистичкиот терор. Кога на оваа бројка ќе се додадат 19 борци комунисти, 6 војници, што загинале во составот на бившата војска Југословенска, 9 жртви на фашистичкиот ртерор и 7 депортирани и убиени Евреи, вкупната бројка изнесува 115 лица загинати од Гевгелиско.
Централната манифестација во светот по повод победата над фашизмот традиционално се одржува во Москва на Црвениот плоштад со дефиле на припадници на различни родови на руската армија, како и ветерани од Втората светска војна.