73 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ПАНКО БРАШНАРОВ НА ГОЛИ ОТОК, ЧОВЕКОТ КОЈ ГО ОТВОРИ ПРВОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АСНОМ
На 13 јули 1951 година на Голи Оток, во таканаречената „болница на работилиштето – мермер“, умрел Панко Брашнаров, македонски национален деец, народен учител, хуманист, воденичар, кафеџија, градинар и слуга, најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ, прв претседател на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв доверител за информации во првата привремена влада на Македонија, најблизок соработник на Матодија Андонов – Ченто, еден од плејадата херои-маченици на Голи Оток. Роден бил во Велес, на 9 август 1883 година.
Човекот кој беше генерација и соученик на велешките гемиџии, сведок на двата Илиндена, човекот кој целиот се посвети на ослободувањето на Македонија и голем дел од својот живот го помина по затвори заради својот патриотизам и идеализам, и кој заради својата борба за македонската кауза остана патриот вљубеник во Македонија, без свое семејство и потомство. Човекот чиј гроб не се знае, но се паметат неговите Македонски дела. И по цена на својот живот Брашнаров е непоколеблив борец за Македонската кауза.