69 ГОДИНИ ОД ПРВАТА ГЕНЕРАЦИЈА МАТУРАНТИ ОД ГЕВГЕЛИСКАТА ПОЛНА ГИМНАЗИЈА
Во деновите кога уште една генерација на матуранти излезе од средношколските клупи, убаво е да се потсетиме на првата генерација матуранти од тогаш гевгелиската полна гимназија.
Еве како на таа генерација се присетува Трајко Аврамов.
„Бевме момчиња и девојчиња родени највеќе во 1936 година, а помал дел во 1935 и 1934. Најнапред за време на Кралството Југославија, во графата државјанство, стоеше србин, србинка, а на крајот на нашето презиме стоеше ич, покасно, кога царството Бугарија во 2 светска војна завладеа со окупирана Македонија, во школските книги и сведителства беше заведено за нас бугарско државјанство, а ние бевме нарекувани бугари.
Во тие ропски времиња, ние , младите го почувствувавме стравот, ужасот и пеколот на војните, но во себе сепак го негувавме и радосниот копнеж на слободата за која како деца слушавме дека во партизаните се борат и гинат нашите родители, браќа, комшии и роднини.
Некаде кон крајот на декември 1944 година и почетокот на 1945, почна новата учебна година за нас, гевгеличани, прва училишна година во ослободена Гевгелија и Македонија. Запознававме многу наши нови учители кои го говореа и не уче на нашиот македонски јазик. Немавме книги, ниту учебници, тие, учителите ни зборуваа, ние запишувавме и така ја учевме македонската азбука. . Во дневниците бевме запишувани со нашите вистински имиња и презимиња, без никакви додавки, како Македонци. Нашата гимназија го доби името на народниот херој од Гевгелија, Јосиф Јосифовски-Свештарот.
Сето тоа што тогаш го стекнавме почнувајќи од идентитетот и јазикот, за жал во последно време како да треба да го заштитуваме од пројавените аспирации на некои наши соседи, кои порано беа окупатори на нашата земја.
Нашата генерација, за жал, заврши само полугимназијалци, бидејќи додека се школувавме, полна гимназија во Гевгелија не се отвори. Затоа, ние го продолживме понатамошното школување во Скопје, Велес, Кавадарци, Струмица, Белград и Загреб.
При крајот на учебната 1951/1952 година, се прочу низ Гевгелија дека во нашиот град ќе почне да се гради зграда за полна гимназија. Затоа, тоа лето, целиот град работевме во доброволни акции за изградба на училишната зграда на местото каде денес се наоѓа Автобуската станица. За жал, на денешните генерации, од оваа зграда, не остана никаква трага.
Во оваа зграда, првата генерација матуранти завршија шести, седми и осми клас гимназија и ги поставивме основите на еден широко развиен воншколски систем од разновидните културно-уметнички и спортски секции, кои го раздвижија целокупниот живот во Гевгелија.
Тие, првите матуранти од гевгелиската полна гимназија највеќе беа од Гевгелија и околината а ученици имаше и од Струмица, двајца и по еден од Прилеп и Куманово.
Од овие матуранти, градот, односно општината и пошироко, Македонија, подоцна доби голем број професори, инженери, правници, судии, новинари, публицисти, дипломати и други стручњаци. Денес, поголемиот дел од нив, кои се живи, живеат во Скопје, Белград и други градови, а во Гевгелија останав јас, Трајко Аврамов, судија во пензија и иницијатор на одбележувањето на овој голем и редок јубилеј, и Димитар Камберов, кој денес, за жал, не е повеќе меѓу нас. На крај, сакам да истакнам дека во организирање на оваа благородна идеја за одбележување на овој јубилеј, голема подршка добив од мојот соученик Петар Карајанов, новинар, публицист и општественик.
Прегледи: 95