33 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ИЛИЈА ЏАЏЕВ, ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНСКИ ТРУБАДУР

Градовите живеат со своите знаменитости. Гевгелија во своето блиско минато имаше своја жива знаменитост, свој жив имиџ. Да се биде творец со вонвремен дух е даровитост. Да се скита по светот и цел животен век да се одржуваат бесплатни концерти е добродетелска мисија на љубопитник и самопрегорник. Да се спортува со велосипед, да се препливува Вардар во јануари, да се пишува поезија, да се снимаат филмови, тоа е творечка релаксација на телото и на духот. Се работи за личност од несекојдневен и широк духовен формат, преполна со идеи за творештво и преобразба. Сите овие животни определби го образуваат и карактеризираат светот на Илија Ј. Џаџев кој не и припаѓаше на ниедна идеологија и градеше свој филозофски поглед кон човекот и светот,длабоко хуманистички и крајно специфичен.

Според неговата автобиографија, тој е роден меѓу двете светски војни, на 5 октомври 1926. година, во гратче меѓу три легендарни планини и езеро, близу еден залив на Медитеранот. Низ планетата Земја поминал околу 4 милиони километри, а тоа е 80 пати обиколување на земјината топка. Има слушано предавања на четири европски и на еден американски универзитет. Дипломира на Природно математичкиот факултет во Скопје, група географија во 1954 година.

Работниот век го поминува во Гевгелија во училишниот центар „Јосиф Јосифовски“. Илија Џаџев,како виртуоз на класична и хавајска гитара одржува над 6.000 бесплатни концерти на подиуми и сцени, во детски градинки, во рударски окна, на железнички станици, гранични караули, касарни, во студентски домови, пензионерски домови, затвори, на патнички и воени бродови, аеродроми, плоштадите во Париз, Берлин, Рим, Лондон, Атина, Софија, пред пирамидите во Сахара, низ многубројните градови во Македонија и јужнословенските држави.

И, да се послужиме со неговото кажување, тој ги фрла своите години во една канта за ѓубре кај Санта Моника, близу Великиот Океан за да може да живее во време без години. Долги години учествувал на Струшките вечери на поезијата, како музички илустратор на светските поети.
Како поет остави 19 збирки на поезија, два романа во ракопис-Свештарот и Професорот и друмската проститутка, како и 10.000 афоризми. Има снимено два филма каде толкува главна улога и тоа 99 во режија на Столе Попов од 1975 година како дипломска работа на Попов и Концерт за една душа во режија на Иван Митевски во 1978 година.
 
Можеби Илија Џаџев беше последниот македонски трубадур, кој со донкихотовска увереност и страст им робуваше на своите исконски визии на звуци, на хармонија. На еден од неговите пријатели, Џаџев му наликува на смел тореадор, на непоправлив вљубеник во убавината.
Неговиот живот заврши на 14 април 1991 година

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *