33 ГОДИНИ ОД ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА АЛБУМОТ „НИЗВОДНО“ НА ГРУПАТА „ЗИЈАН„, ДОБИТНИЦИ НА СЕДМОНОЕМВРИСКАТА НАГРАДА ВО 2004 ГОДИНА

Се навршија 33 години од излегувањето на деби албумот на групата „Зијан“, насловен „Низводно“,на групата од „малата“ Гевгелија, која во осумдесеттите години на минатиот век беше на прагот на големо да влезе во „Првата лига“ на тогашната југословенска рок сцена. А, условите за такво нешто беа и повеќе од поволни. По освојувањето на македонската публика, кога настапуваат низ македонските градови, доаѓа настапот на „Рок фест 87“ каде „Зијан“ го освојува првото место и добиваат можност да настапат на Зајечарската гитаријада.
Таму „Зијан“ ја одушевуваат публиката и стануваат победници на гитаријадата „Зајечар 87 „. Како награда, добиваат можност да издадат албум за Продукцијата за грамофонски плочи на Радио телевизија Београд. Ги снимаат сите композиции за овој албум во студиото на Тоше Поп Симонов, на кој материјал клавијатурите ги свири Кирил Џајковски, но за жал, овој материјал никогаш не го здогледа светлото на денот, како плоча.

Како што деновиве се присетува басистот Костадин Динев, неколку пати членовите на групата заминуваат за Белград да се интересираат до каде е стигната работата околу издавањето на албумот, и секој пат од уредниците им било ветувано дека набргу тоа ќе се случи. За жал, овој албум никогаш нема да го здогледа светлото на денот, а со тоа групата незаслужено останува без толку очекуваниот продор на тогашната југословенска поп рок сцена. Снимките од овој албум остануваат кај продуцентот Тоше Поп Симонов и кај членовите на групата.

Нареднат 1988 година, Зијан имаат настапи во Суботица, на „Маракана„ во Белград на големиот „Рок спектакл„ а врв на нивната музичка кариера, и уште еден доказ дека „Зијан“ се голема група, е настапот во 1988 година на фестивалот „Омладина„ во Суботица. Со едногласна одлука на публиката и жири комисијата, „Зијан„ се прогласени за севкупни победници во конкуренција на 237 пријавени бендови од Југославија. И, наместо нивната кариера да почне да оди по нагорна линија, поради игнорантскиот однос кон групата на издавачките куќи и некои музички институции, а и поради подоцнежното распаѓање на Југославија, на момчињата од „Зијан“ им беше одземена можноста да бидат една од најголемите рок групи кои свиреле на Балканските простори.

Конечно, во 1991, „Зијан“ година на пазарот се појавува деби албумот на „Зијан„ насловен „Низводно„ во издание на Музичкото касетна продукција на МРТ. Албумот е снимен за десеттина дена во Студиото М-2 во Скопје, продуциран е од Валентино Скендеровски, извршен продуцент е Петар Георгиевски-Камиказа, а снимател Исмаил Авдуловски-Џо. Динев Костадин, бас гитара и вокал, Митров Апостол, гитара и вокали, Динев Анѓел,тапани , Зарлинов Кирил, клавијатури, потпомогнати од Јанковиќ Вера, вокали, , Стојковски Стево, гајда и Скендеровски Валентино, клавијатури и програмирање учествуваат во снимањето на овој албум на „Зијан“, кој е вистински дијамант на македонскиот поп-рок и на кој се наоѓаат осум антологиски композиции, осум вистински бисери, на кои изминатите години не им одзеле ништо од нивната вредност, свежина и маестралност. Да ги споменеме, безвремената „Пушти коси“ , двете суптилно обработени фолклорно настроени „Стамена“ и „Кате сваќе“, заразната тема „Елизабет“, хитовските „Денови“ и „Град“, љубовната „Рушиме се“, и на крај, како крем, „пинкфлојдовската“ инструменталка „Низводно“.
 
Ако Скопје се препознава по скопско, во рамките на пијалоците, тогаш во рок музиката Гевгелија, а и Македонија, се препознава по групата „Зијан„, работеле тие или не. Оваа група останува мерка на еден постојан квалитет. Нивната музика останува свежа и со текот на годините не губи ништо од својата свежина, благодарејќи пред се на интересната и ненаметлива употреба на македонскиот мелос во нивните композиции, одличните текстови и луцидните аранжмански решенија.
Како круна на нивната долгогодишна работа и потврда за нивната афирмација на својот град, е добивањето на Златната плакета во 2004 година по повод 7 Ноември, празникот на Гевгелија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *