25 мај, Ден на младоста – ден на кој се сеќава секој пионeр и пионeрка од генерацијата педесет и некоја. Ако првпат слушате за овој ден, тогаш прашајте ги родителите или бабите и дедовците што за нив претставувал овој ден, ќе дознаете дека ова беше еден од највеселите и најсаканите празници во поранешна Југославија.
На 25 мај, на другарот Тито му беше врачувана штафета на младоста, која започнуваше секој пат од друго место и од друга република, но секогаш беше масовно дочекана низ градовите од поранешна Југославија, па и во Гевгелија.
За носители на Младинската штафета беа бирани исклучителни младинци – тоа беа најдобрите ученици и студенти, млади работници, истакнати спортисти, акцијаши и воопшто млади луѓе кои се истакнуваа со своето учење, работа или посветеност. Посебно внимание беше посветено на првиот и последниот носител на штафетата, кој имаше за задача да го предаде на Тито, односно на претседателот на ССОЈ, на прославата.
Иако Тито беше официјално роден на 7 мај, 25 мај беше одбележан како негов роденден. Централниот настан секогаш беше организиран на тогашниот стадион на ЈНА во Белград, каде пионери, млади и членови на сите гранки на армијата и морнарицата изведуваа слет.