Во Гевгелија, ќе биде одбележана Светската недела на детето, за што ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, Националната установа Музеј- Гевгелија, ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија и ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, а во соработка со основнитите општински училишта подготвија богата културно-уметничка програма за децата. Имено, на 1 Октомври 2024 година- Универзалниот ден на детето и почетокот на Светската недела ќе бидат означени со одржување предавање на м-р Силвестер Проле, во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, на тема „Денови со етнокореологијата“, коешто ќе започне во 10:00 часот. На 2 октомври 2024 година, следи Ликовна работилница со м-р Мирјана Крстева Массетти, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток од 10:00 часот. А, веќе од 11:00 часот, продолжува предавањето на Проле во ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Истиот ден, со почеток во 17:00 часот, во просториите на ЈОУ Пионерски дом ќе бидат одржани детски работилници (Драмска секција и Секциите за тапани, гитара, фолкорни танци, урбани танци и карате). НУКЦ „Антон Панов“ од Струмица, на 3 октомври 2024 година, во Народниот театар- Гевгелија, ќе гостува со две изведби на театарската претстава за деца „Царевата нова облека“ од Ханс Кристијан Андерсен, во режија на Јасмина Вучкова. Првата изведба ќе започне во 10:00 часот, а втората во 12:00 часот. Осум актери на струмичкиот Народен театар ќе играат во оваа претстава предводени од Царот – Кољо Черкезов. Коста Ангов е шутот, гласникот и раскажувачот, царската кројачка е Оливера Аризанова – Мансбарт, а нејзината ќерка е Анкица Бенинова. Коста Ангов е шутот, гласникот и раскажувачот, царската кројачка е Оливера Аризанова – Мансбарт, а нејзината ќерка е Анкица Бенинова. Улогата на првиот измамник ја игра Стојан Велков – Трн, а вториот измамник Танкица Стојанова, додека царскиот советник за мода е Ванчо Василев, а првиот дворјанин и дворски сликар е актерот Игор Тодоров. „Самобендисаноста и себичноста, кои го тераат човека да гледа единствено кон себе, наспроти емпатијата и грижата, кои му даваат поширок светоглед. Доброто наспроти злото и лагата наспроти вистината. Повеќеслојноста на текстот отвора и други теми, но овие се клучните кои треба да ја засегнат најмладата публика. Во претставата публиката ќе биде директно вклучена заземајќи страна и тоа ќе придонесе за активно размислување на децата. Сето тоа ќе биде прикажано и раскажано на многу игрив и динамичен начин, преку креативни сцени, дијалози, низ танц и песна“- вели режисерката Јасмина Вучкова. По одржаната Втора работилница за креативно пишување, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ ќе им ги врачи дипломите на учесниците, а во рамки на настанот ќе се одржи и литературно читање. И тоа, на 4 октомври 2024 година, во просториите на Библиотеката, со почеток во 12:00 часот. Активностите ќе продолжат со дискусија на тема „Глобално кафе – Правата на децата“, во Пионерскиот дом, со почеток од 18:00 часот. Културно-уметничката програма за Светската недела на детето ќе биде затворена на 8 октомври 2024 година, со гостувањето на претставата за најмалите дечиња „Црвенкапа“ од репертоарот на Театар „Хит“, а во режија на Сашо Ристовски. Претставата ќе се прикаже во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 10:00 часот. Играат: Ема Давчева, Магдалена РизоваЧерних, Сашо Ристовски и Бранко Атанасов.