Во Гевгелиско на овој ден береле црни метли и памук и го сметале за лесен празник.
На овој празник започнува црковната нова година. Според верувањето и светците се раководеле по овој календар. Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија имаат и многу заеднички елементи, а тоа е пеењето на семето во црквата од страна на свештеникот, разните магиски заштити за богат род и чисто жито и сл.
Именден празнуваат: Симо, Симеон, Симонка, Симон, Симона, Симка…
Праведниот старец Симеон се смета за заштитник на малите деца.
На први септември според стариот календар (или на 14 септември според новиот) започнува црковната година, а во народот овој ден се смета за голем земјоделски празник. Тоа најповеќе се манифестира со обичаите и верувањата поврзани со започнувањето на есенската сеидба. Се верува дека откако е собрана летнината завршен е еден годишен циклус и започнува друг со првата есенска сеидба.
Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на преподобниот Симеон Столпник кој умрел на 1 септември 460 година на 103 годишна возраст.
Сакајќи што повеќе да се доближи до Бога изградил висок столб на кој минал подолго време во пост и молитви поради што е наречен Столпник. За тоа време кај столбот два пати доаѓала мајка му и го молела да слезе за да се видат, но тој сметал дека не треба да ја прекинува молитвата и не слегувал.
Во близината на столбот се собирале луѓе кои ги слушале неговите молитви и присуствувале на чудата што се случувале по молитвите (лекување болни и сл.), така што тој уште за време на животот бил сметан за светец.
Во Гевгелиско на овој ден береле црни метли и памук и го сметале за лесен празник.
Очигледно е дека празникот Свети Симеон и Црковната Нова Година имаат значајно место во нашиот народ. Започнувањето на есенските земјоделски работи коишто за нашиот човек значеле и егзистенција, секогаш биле проследени со многу обичаи, верувања и магиски заштити што имале цел да обезбедат богат род на земјоделските култури.