На тој кобен, жежок 8 август 2001 година, среда, во заседа кај Карпалак, животите ги дадоа десетмина прилепски бранители – Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Горан Миноски, Веби Рушитоски, Дарко Велјаноски, Марко Деспотоски и Пецо Секулоски. Неколкумина беа повредени. Повеќемина од тие што беа повредени веќе не се живи. Но и ден-денес преживеаните велат кога би можело да биде поинаку, ама не беше така, ниту пак некој може да објасни што им се случи.
И покрај тоа што во минатите години можеше да се направи анализа, сепак сѐ уште виси во воздух прашањето што се случи и зошто се случи да загинат недолжни чеда.
И на 8 август 2020 година достојно им беше оддадена почит на загинатите. Во име на Владата на Република Македонија, Драган Василевски, советник за одбрана на претседателот на Владата, денеска, положувајќи свежо цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, оддаде почит и учествуваше во одбележувањето на 19-годишнината од за загинувањето на десетмината припадници на резервниот состав на Армијата во оружениот конфликт во 2001 година.
Пред спомен обележјето посветено на прилепските бранители, венци со свежо цвеќе положи и делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, делегација од Кабинетот на Претседателот на Македонија, делегации на прилепската локална самоуправа, претставници од составот на резервните воени обврзници, членови на семејствата и пријатели на загинатите.
Повторно беше посочено дека најважно е ваков немил настан да не се повтори никогаш, но и да не се заборави од генерациите што доаѓаат и да се укаже дека сѐ може да се реши по мирен пат, без оружје и без насилство.
За жал, сеуште нема изградено спомен обележје на местото каде загинаа македонските бранители. Затоа може разбирлив е револтот на еден родител на загинат бранител кој денес изјави:
Да ѝ се ‘заблагодарам’ на Владата што ‘води преголема грижа’ за нас и за загинатите. За загинатите се гледа како се грижат, а за нас живите – уште повеќе. Само недостасува нас да нè прогласат за терористи, да нè осудат затвор и да се ратисаат од нас. Дали личи да се полага цвеќе на загинати на вакво место? Овде треба да присуствува Врховниот командант, ние сме армија, а тие дошле со заменици. Централната прослава треба од Прилеп овде да се премести. Овде е местото каде треба да чествуваме, а не во Прилеп“, вели Јордан Трајковски, од Прилеп.