„ДВОЈНА СКУЛПТУРА – АТЕЛЈЕ ЈАНЕВ“ – ЕДНА НЕСЕКОЈДНЕВНА ИЗЛОЖБА НА ТРИ ГЕНЕРАЦИИ УМЕТНИЦИ НА ФАМИЛИЈАТА ЈАНЕВИ

WEB Телевизија во живо

Националната установа Музеј Гевгелија и Уметничката галерија АМАМ, се организатори на една несекојдневна изложба насловена „Двојна скулптура – Ателје Јанев“. Изложбата ќе биде отворена на 14 јуни 2024 година(петок), во Уметничката галерија АМАМ во Гевгелија, со почеток од 20, 30 часот.
Несекојдневноста на оваа изложба лежи во фактот што на неа, со свои уметнички дела, пред гевгелиските љубители на уметноста ќе се претстават три генерации со уметнички порив на фамилијата Јаневи.
 
Најмладата од нив, МАРЕ ЈАНЕВА е родена на 24 февруари 2018 во Гевгелија. Член е на Ликовната секција при Пионерскиот дом во Гевгелија која ја раководи м-р Александар Јанев, дипломиран вајар. Маре е редовен учесник на изложбите на Ликовната секција и вредно твори во ателјето „Јанев.
 
Нејзиниот татко, АЛЕКСАНДАР ЈАНЕВ, роден е на 12 февруари 1987 година во Гевгелија, завршил Академија за ликовни уметности во Скопје-отсек вајарство со графички дизајн кај професорот Беди Ибрахим, академски вајар, кај кого и магистрира. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и Претседател на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија. Учествувал на голем број групни изложби, меѓународни ликовни колонии и има пет самостојни изложби во Скопје, Прилеп, Гевгелија и Богданци.
 
Третиот учесник, највозрасниот, е таткото на Александар, ЈОРДАН ЈАНЕВ.
Тој е роден 1948 година во Гевгелија, завршил Академија за применета уметност-отсек вајарство во Белград, во класата на професорот Миодраг Живковиќ. Учествувал на голем број групни изложби на ДЛУГ, на Ликовната колонија „Аполонија“, редовен учесник на биеналето на современата скулптура во Куманово, автор на повеќе споменични обележја во Гевгелија.
 
Изложбата ,,Двојната скулптура – Ателје Јанев ˮ претставува сублимат на двајца квалитетни мајстори по професија вајари и нивната наследничка – ученик која оди по стапките на своите мајстори, ќе напише м – р Александар Каракабаков, кустос историчар на уметност.
Така, Маре Jанева ќе се претстави со ликовни дела кои се одраз на нејзината немирна внатрешна имагинација и уметничка фантазија.
Александар Јанев ќе биде застапен со скулптури, кои го симболизираат раѓањето на живото битие и се во овални форми. Тој, со помош на формата и материјалите, креира уметнички дела, содржински неисцрпени со линии, кривини, површини и вдлабнатини во дрвото, каменот и металот во одредени тонови или во било кој друг материјал кој се експлоатира, а со тоа вдахнува внатрешен живот, чувства, душа, некоја содржина и некој дух.
 
Со циклусот цртежи „Црно – бело во форма“ свој печат на изложбата ќе даде Јордан Јанев-Дане. За овие дела самиот уметник ќе каже:
„Цртежот претставува конкретна уметничка намера, ликовна идеја, експериментална, истражувачка, професонален гест, како и општествена побуда. Со цртежот јас се определувам за обликување на конкретната ликовна идеја, ги опфаќам елементите како уметнички израз и проблем во промена на изразувачките средства, во овој случај со техниката на цртеж со молив и цртеж со туш, со кој сакав да постигнам максимална изразеност на уметничката содржина.
 
Инаку, изложбата и каталогот се реализирани со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *