ВЕЛИГДЕНСКА ПОРАКА НА СКОПСКИОТ БИСКУП И СТРУМИЧКО-СКОПСКИ ЕПАРХ МОНС. Д-Р КИРО СТОЈАНОВ

WEB Телевизија во живо

„Не плашете се! Вие го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде!“ (Марко 16,6)
Драги браќа и сестри!
Велигден е најстариот и најголемиот христијански празник, кој веќе Раната црква го слави како спомен на Исусовото воскресение.
Со празнувањето на Исусовото воскресение ја празнуваме пасхалната тајна според која Синот Божји нè откупи со својата крв, ги избрка од нас темнината на гревот и сенката на смртта, кои по падот на човекот надвиснаа како тежок товар над човечкиот род. Исус доброволно се предаде на смрт „за да го откупи робот“, како што се пее во химната на Велигденската свеќа. Христос со своето воскресение од мртвите ја победи и самата смрт.
 
На првиот ден од седмицата, односно во недела рано наутро, некои жени кои го придружуваа Исуса и му служеа за време на неговото проповедање во Галилеја и Ерусалим, по Исусовата смрт дојдоа на гробот за да му оддадат уште еднаш почит, бидејќи заради саботата не можеле да го сторат тоа, а немале ниту време да направат сѐ според обичајот. Купиле мириси за да го помазат. Евангелист Марко по име ги спомнува Марија Магдалена и Марија Јаковова и Саломија и истакнува дека тие разговарале меѓу себе на патот кон гробот: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?“ Кога стигнале до гробот, каменот веќе бил одвален. Кога влегле во гробот, виделе млад човек, облечен во бели алишта како седи од десната страна и се уплашиле. Тој им рекол: „Не плашете се! Вие го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна не е овде! Еве го местото каде што го положија. Но, одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.“ Тие излегле и почнале да бегаат од гробот: ги обзело страв и ужас. „И никому ништо не рекоа, бидејќи се плашеа.” Потоа, Исус ѝ се јавил на Марија Магдалена, ѝ и кажал утешни зборови и ја пратил да им каже на учениците за празниот гроб и за средбата со Исус. Така и направила.
 
Исусовите ученици, зајакнати во својата вера и со слегувањето на Светиот Дух врз нив, почнале да ја шират воскресната вера низ светот. Таа вера и ние ја наследивме и денес ја шириме. Веруваме дека Исус е Син Божји, кој за нас и заради нас зеде човечка природа, стана човек и кој од љубов кон секој човек претрпе тешки маки на крстот. Дојде кај своите, но своите не го примија. Исус со своето воскресение од мртвите ја победи смртта, најголемиот човечки непријател. И покрај тоа што смртта постои и по Исусовото воскресение, цврсто веруваме дека Тој како победник воскресна од мртвите и дека смртта повеќе го нема последниот збор.
Смртта, гревот, ѓаволот, темнината и страдањето се поразени. Од тука, ние христијаните, цврсто веруваме дека еден ден ќе воскреснеме во нов живот со Бога.
Ние христијаните го славиме Христовото воскресение и се надеваме на сопственото „воскресение“ по смртта. Без вера во воскресението, нашата вера би била бесмислена.
 
За нас, Христовите верници, се поставува прашањето: Дали навистина сме трогнати од велигденската порака која со векови одекнува низ целиот свет? Дали сме веродостојни сведоци на Христос или сме, како жените на празниот гроб, обземени од страв, повеќе би сакале да побегнеме од Исусовиот празен гроб и да молчиме од страв пред осудата или омаловажувањето. Но Господ е тука и ни приоѓа велејќи: „Не плашете се!“ „Одете и соопштете им на браќата Мои!“ „Ете, Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот“.
На сите Ви посакувам Честит празник Воскресение Христово – Велигден и благословени велигденски празници. Амин, алилуја!
Христос воскресе! Навистина воскресе!

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *