ВО СПОМЕН НА „НАЈРАСПЕАНИОТ“ ГЕВГЕЛИЧАНЕЦ, АЦО ПОПОВ, ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОД НЕГОВОТО ФИЗИЧКО ЗАМИНУВАЊЕ ОД НЕГОВАТА „ГЕВГЕЛИЈА-РАЈСКА ГРАДИНА“

WEB Телевизија во живо

Оваа година, на 17-ти септември, се навршија четири години од кога престана да чука, би рекол, во ритамот на музиката, срцето на Александар Попов, или како сите го знаеа, чичко Ацо. Тој беше учител по музика, оснивач на „Распени гевгеличани и член на пензионерската музичка група „Сава Михајлов“, на Здружението на пензионери од Гевгелија.
 
Почивај во мир чичко Ацо! Ти само се пресели од твојата овоземна рајска градина, Гевгелија, која толку си ја сакаше, во онаа другата, небесната рајска градина. Кој знае, може и таму токму сега пребираш по жиците на гитарата и компонираш уште некоја песна за твојот град, за љубовните серенади под пенџере, за старата чаршија и некогашниот маалски живот. И овој септември, како и на сите кои ќе доаѓаат во иднина, Гевгелија ќе се сеќава на тебе и на твоите над четири децении, плодна музичка работа и со најмладите твои ученици, како и со многубројните музички достигнувања со „Распеаните гевгеличани“. А твојата „Песна за Гевгелија“ и натаму останува химна на Гевгелија.
 
Во последниот разговор со него, тој на прашањето што мисли дека е најголем успех во неговата музичка кариера, без размислување ми одговори.„Мој најголем успех, и покрај сите други успеси,, останув аснимањето на хорот на ООУ „Крсте Мисирков“ во Радио телевизија Скопје под продуцентското водство на академскиот музичар Ристо Аврамовски, пет напеви, снимка која потоа се најде и на ЦД.
„Староградските песни што сум ги компонирал, велеше Ацо Попов, беа под влијание на мојата мајка Марија, која беше играорка, мојот татко Тодор, познат Русалија и мојата баба.“
 
Александар Попов е роден во село Грчиште во 1933 година, седмолетка завршил во Валандово, а учителска школа во Скопје. Дипломирал за наставник по музика на Вишата педагошка школа во Скопје. Од 1958 година па се до своето пензионирање бил наставник по музика во Основното училиште „Крсте Мисирков“.Како хонорарен наставник, десет години предавал во гимназијата „Јосиф Јосифовски“. Во 1971 година, за потребите на емисијата „Распеани градови“, е формирана групата „Распеани гевгеличани„ група со мешан хор и тамбурашки оркестар, чиј раководител, и заштитен знак стана токму чичко Ацо. 
 
Музичко пеачката група
„РаспеаниГевгеличани” е формирана под иницијатива на Радио телевизија Скопје a ја реализираа Јонче Христовски, Благој Андреев, Петре. М. Андреевски и Миле Брзанов. Во нејзиниот состав беа вклучени мешан хор со 14 солисти, и тамбурашки оркестар со инструментите-прим, виолина, бас прим, гитара, хармоника и контрабас. Репертоарот на оваа група се состои од изворни народни песни, автентични за гевгелиското поднебје. Некои од нив се компонирани од раководителот Александар Попов на изворни текстови, а на репертоарот имаат и влашки напеви како што е песната „Дол лири дол франги“. Групата има снимено своја лонг плеј плоча и касета со неколку изворни гевгелиски песни меѓу кои се вбројуваат и познатите „Трба трби Гевгелиско“, посветена на револуционерот Леонид Јанков, и авторската „Песна за Гевгелија“ на Александар Попов.
 
Со своето постоење до денешни денови, групата „Распеани гевгеличани“ е дел од сите свечености кои се одржуваат во Гевгелија и во другите македонски градови,како и на традиционалните фестивали Охридски староградски средби во Охрид и Илинденски денови во Крушево, каде освојуваат голем број на награди. Настапуваат и надвор од Македонија, во Србија, Словенија и Грција, додека на Фестивалот на староградски песни „Пеј срце“ во Ќустендил, во 2018 година го освојуваат првото место за ансамбли над 10 членови.
 
Седмоноемвриската награда за животно дело, иако постхумно, му беше доделена, минатиот 7 ноември, на Александар Т. Попов, музички педагог, за значајни постигнувања од областа на музичката уметност, културата, воспитанието и образованието, за придонес во развојот на музичката култура кај младите, за афирмацијата на општината преку учество на голем број манифестации и фестивали, како и за афирмација на македонското музичко творештво и негово збогатување со свои авторски песни и изведби од страна на КУД „Распеани гевгеличани“.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *