15 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА БОШКО БОЗАЏИЕВСКИ

WEB Телевизија во живо

На 26 август 2023 година се навршија 15 години од денот кога во не сосем разјаснети околности почина 27-годишниот македонски актер Бошко Бозаџиевски.
На 24 септември, во рамките на Скопскиот поетски фестивал, се одржа и „Неисцрпен“ ‒ трибјут за Бошко Бозаџиевски“ , а по повод 15 години од неговата смрт, со поетско-музички перформанс на ВИС „Тркалезна маса“.
 
Бошко Бозаџиевски е роден на 25 март 1981 г., во Гевгелија. Средното училиште го завршил во гимназијата Јосиф Јосифовски-Свештарот во Гевгелија. Студирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет Блаже Конески – Скопје, а дипломирал на Факултетот за драмски уметности, исто така во Скопје. Играл во претставите „Сите лица“ на Петре М. Андреевски, „Сон на летната ноќ“, „Делириум за двајца“, „Осмо светско чудо“, како и во првата македонска догма, филмот „Боли ли?“ на Анета Лешниковска. Во овој филм заедно со Милијана Додевска остварија една љубовна сцена, многу успешна и впечатлива, па дури и заслужна за „Наградата за иновативност“, која филмот ја освои на „Фестивалот на Бермудските острови“. 
 
Со Битолскиот театар учествуваше во претставата „Осмо светско чудо“, а во Скопје во Драмски и во МНТ играше во „Сон на летната ноќ“, „Сите лица„ на Петре М. Андреевски“, „Делириум за двајца. Имаше Бозаџиевски уште многу што да каже, но за жал, овој млад актер почина на 26 август во 2008 година на само 27 години. Во негова чест во родниот град Гевгелија се одржува мултимедијалниот фестивал „Бош“.
 
Ова се оние сувопарни енициклопедиски податоци за Бошко, кои нудат само форма но не и суштина. Зошто, неговиот млад живот, неговиот талент, неговите мечти, неговиот шарм, неговата ведрина, неговата експресивност, неговата љубов, не може да се опфат во само неколку реченици. Затоа, ТВ Нова 12 ги запраша оние со кои Бошко се дружел, со кои ја делел сцената, го делел поривот кон уметноста, да кажат како тие го паметат Бошко Бозаџиевски.
 
ДАНИЕЛА ЏИШЕВА, во своите сеќавања за Бошко ќе каже:
Во 1996 година, на аудицијата на драмската група „Дон Кихот„, во училницата влезе момче со крупни, црни очи, со сигурен чекор. Се викам Бошко Бозаџиевски, рече, имам 14 години и сакам да глумам. Ме плени со својата одважност. Го гледам и сфаќам дека пред мене стои Демијан на Херман Хесе. Така започнува актерската одисеја на младиот Боби. Се редат претстави-„Чернодрински се враќа дома„, „Време за птици„, поетски перформанси, ТВ-записи. А тој е се подобар и подобар. Со леснотија се трансформира од лик во лик, согорува на сцена како птицата феникс, за да воскресне со нови сили, за нови улоги и нови предизвици. И знам, тој е нашиот Дон Кихот кој му пркоси на општеството и на времето во кое што живее. Тој е момчето кое воодушевува со својот талент, цврсто чекори по „штиците кои живот значат„ и владее со сцената. И знам, тој е роден за да биде актер.
 
Во 1999 година, неговиот професор по македонски јазик и литература, Илија Карајанов, кој секогаш се радуваше на неговите писмени работи, еден ден дојде и со нескриен восхит зборуваше за есејот на Боби, за старогрчкиот Сизиф. Го читав и си повторував, да, тој, нашиот Боби, навистина е Демијан. Водачот.Оној кој чекори пред својата генерација, оној кој жедно пие од изворот на великаните. Со професорот карајанов долго разговаравме за него, за неговиот Сизиф и за талентот да ткае зборови. Набргу излеле од печат првата поетска рожба, „Плачот на ангелите„. Со гордост прифатив да бидам промотор на стихозбирката, заедно со почитуваниот професор Ѓорѓи Сталев. Барав зборови во кои ќе го соберам сиот негов поетски талент, неговата посебност, неговиот свет. И не беше лесно. Го пронајдов во стиховите на еден познат хрватски поет:
Мене Господ да пеам ми рече,
И јас ја исполнувам Божјата воља
И јас го јадам срцето свое
 
Во 2000 година Драмскиот факултет во Скопје широко ги отвора вратите за едно талентирано момче од Гевгелија, Бошко Бозаџиевски. Нашиот прв дипломиран актер. Тој влегува во професионалниот театарски свет добивајчи улога речиси во сите, тогаш актуелни претстави. Го искусува и филмското платно. Станува препознатлив лик од рекламите. Еден од најнадежните актери во Македонија. Но никогаш не ја напушти драмската група Дон Кихот. Продолжи да биде дел од културната сцена во гевгелија, дел од секоја поетско –музичка манифестација- „За тебе љубов моја„, „Сонот на душата„, промоција на романот „Вештица„ на венко Андоновски, многу поетски видеозаписи.
 
Во 2006 година учествува на балканската поетска средба Сонот на душата во гевгелија, интерпретирајќи стихови на Никола Маџиров. Тоа е нашата последна средба. Замина ведар, насмеан, полн со љубов. Со него заминаа и Демијан и Дон Кихот и Феникс и Сизиф. Остана тагата. Останаа убавите спомени. Остана ехото на зборовите од романот „Вештица„, што толку веродостојно ги изговараше, како да излегуваа од неговата душа:
„Да ти кажам, да не кажеш потем дека не сум ти рекол. Смртта е врата. И љубовта е врата. Истата врата. Оти и по смртта во истата куќа уште си, иако во друга одаја. Затоа не плачете по мртвите, во иста куќа се, само во друга одаа. И не плачете по разделените љубовници, во иста куќа се, во истата вселена, како и мртвите и живите. Само во различни одаи. И ќе се најдат макар и по векови„
 
МАРИЈА СТОЈАНОВА, еден од организаторите на БОШ фестивалот се сеќава:
На Бошко се сеќавам како на другар пред се, беше ведар и насмеан дечко, забавен и посебен. Заедно растевме и пораснавме. Бевме љубители на уметноста , праевме претстави, поетски читања , заедно ја оформивме театарската група Кабаре 6 (Стево, Миле, Бошко, Марија, Венци,подоцна и Верче) која постигна големи успеси не само во Гевгелија него и по фестивали на Балканот. Бошко беше фраер, магнет за жени, љубовџија, заљубеник во уметноста, глумец, поет, другар, син, брат, сограѓанин. Многу изгубивме, многу изгуби Гевгелија…
 
МИЛЕ НИЧЕВСКИ, „духовниот татко„ на Бошко, и негов цимер:
Бошко имаше широк спектар на интереси и на медиуми на кои се искажуваше. Пишуваше поезија, уште како средношколец објави збирка на поезија, започна да глуми, продолжи во тетар, како глумец и соработник во многу уметнички перформанси на свои пријатели. Имаше огромна енергија која ја споделуваше со луѓето, и, ни остана како аманет кон нас да го поддржиме и продолжиме тој негов интересен и суптилен дух. За жал, пред да почине трагично, беше избран од еден од најпознатите холандски режисери на инсталации, да биде единствен учесник од Македонија во неговиот физички театар кој го подготвуваше. Кој знае, да останеше жив, каде ќе го однесеше кариерата и неговиот талент. За прв пат се запознав една зима, во Гевгелија, кога се вратив од Скопје, во време кога и низ Гевгелија и низ Македонија гледав тажни, намуртени фаци, истрошени луѓе со погледи без искри. И, во еден таков духовен пустош и незаинтересираност за уметноста и убавото во животот, се појави пред мене Бошко, една таква енергија, една таква експресија, со толку многу љубов во себе и со толку многу интерес за различни работи. Се интересираше за музика, за поезија, за филозофија, за митологија, за античка историја. Имавме милион заеднички теми, така што веднаш се создаде едно другарство меѓу нас, иако беше помлад од мене. Набрзо, започна да ме нарекува негов „духовен „ татко, иако и јас црпев многу инспирација од него.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *