На 28 август 1963 година, пред околу 200.000 поддржувачи, црнци но и белци, во Вашингтон, Мартин Лутер Кинг, афроамериканскиот баптистички свештеник, борец за граѓански права и добитник на Нобеловата награда за мир, го одржал познатиот говор за правата на црнците„Имам еден сон“. Овој говор се смета, заедно со Гетисбуршкото обраќање на Абрахам Линколн, за еден од најдобрите говори во историјата на американското говорништво.
Говорот на Мартин Лутер може да се препрочита денес и, со мали измени во него, слободно може да се однесува на денешната политичко економска ситуација во Македонија. Еве само еден мал извадок.
„ Имам еден сон, дека моите четири мали деца еден ден ќе живеат во нација каде што нема да им се суди според бојата на кожата, туку според содржината на нивниот карактер. Имам сон денес. Да не се валкаме во долината на очајот, ви велам денес пријатели мои.
Така, иако се соочуваме со тешкотиите на денешницата и утрешниот ден, сепак имам сон. Тоа е сон длабоко вкоренет во американскиот сон. Имам сон дека еден ден оваа нација ќе се крене и ќе го живее вистинското значење на својата вера: Ние сметаме дека овие вистини се очигледни, дека сите луѓе се создадени еднакви.
Сега е време да се остварат ветувањата за демократија. Сега е време да се издигнеме од мрачната и пуста долина на сегрегацијата кон сончевиот пат на расната правда. Сега е време да ја подигнеме нашата нација од брзиот песок на расната неправда до цврстата карпа на братството. Сега е време правдата да стане реалност за сите Божји деца.
Ова е нашата надеж. Ова е верата со која се враќам на југ. Со оваа вера, ќе можеме да ископаме од планината на очајот камен на надежта. Со оваа вера ќе можеме да ги преобразиме замрсените несогласувања на нашата нација во прекрасна симфонија на братството. Со оваа вера ќе можеме да работиме заедно, да се молиме заедно, да се бориме заедно, заедно да одиме во затвор, заедно да се залагаме за слобода, знаејќи дека еден ден ќе бидеме слободни.