М.Р АЛЕКСАНДАР ЈАНЕВ, АКАДЕМСКИ ВАЈАР:

WEB Телевизија во живо

„МОЈАТА СКУЛПТУРА Е ПОСВЕТЕНА НА РАЃАЊЕТО НА ФЕСТИВАЛОТ „БОШ“ И НА МОНУМЕНТАЛНАТА ЛИЧНОСТ И ДЕЛО НА БОШКО БОЗАЏИЕВСКИ“
 
Во чест на јубилејот 15 години „Бош фестивал“, во Народниот театар денеска ќе биде поставена и „Бош скулптура“, на академскиот вајар Александар Јанев. Скулптурата е изработена од ореово дрво комбинирано со метал. Еве што за ова дело вели самиот автор Јанев :
 
„Би сакал да го изразам моето задоволство што по петнаесетти пат, успешно, со многу содржини и квалитетни настани, ја продолжуваме почитта кон Бошко Бозаџиевски, наш сограѓанин, чија големина би ја опишал како една монументална личност, величествена, моќна, силна, која остави трајни вредности во нашиот град но и во нашата држава.
 
Бошко не остана заборавен. Од идеата на неколку пријатели и почитувачи на неговото дело, во негова чест се роди мултимедијалниот фестивал „БОШ“.
По повод 15 години на овој фестивал, години кои се достојни за почит, ми беше предложено од страна на организаторот, како човек и уметник кој го познаваше Бозаџиевски и ги почитуваше неговите дела и успеси, да изработам и да се претставам на овој јубилеен фестивал со скулптура, која ја нареков „БОШ 15“
 
Основната моја идеа за оваа скулптура ми беше токму Бошко, како монумент, но не како физичка величина, бидејќи монументалноста на едно дело може да се согледа и во една скица, во неколку збора, во еден стих или во неколку ноти.
Бидејќи во моите дела речиси секогаш се присатни симболите, а дрвото кое го создала природата со сите убави форми и деформации, јас, за оваа прилика го одбрав токму дрвото, за да со мојата креативност и да го надополнам она што го создала природата.
 
Ова дело, на некој начин, го прикажува раѓањето на „БОШ“. Од еден вжарен кратер, како од голема длабочина се слуша глас и една по една се раѓаат букви кои се и всушност симболите на пишаниот збор. Се раѓа „БОШ 15“
Последната буква е најзвушна, но е до половина излезена од кратерот, симболички недоречена, како и положбата на скулптурата, која била со тенденција да биде гордо исправена, но останала на половина пат, прикажувајќи го животниот пат, кој, за жал остана неизоден од страна на Бошко Бозаџиевски.
 
Двете маски прикажани на скулптурата, тажната и веселата, симболите на актерството во театарот и даските кои нели живот значат, се со метална патина, која на тие маски им дава поголема силина.
Крвавите бразди остануваат како белег на трнливиот пат по кој се доаѓа до успехот и вечниот сон. Целата скулптура е поставена симболички на тркала, кои после 15-от, ќе не однесат до 16-от фестивал, и се така понатаму со нови идеи, дела и успеси за незаборав.“
 
Александар Јанев е роден 1987 во Гевгелија. Во 2011 дипломирал на УКИМ, Факултет за ликовни уметности Скопје, Оддел за вајарство со графички дизајн во класата на професор Беди Ибрахими.
Живее и работи во Гевгелија како наставник по ликовно образование. Член и претседател е на Друштвото на ликовни уметници во Гевгелија – ДЛУГ и член на Мултимедија центарот во Гевгелија од 2009. Имал неколку самостојни изложби. Учествувал на повеќе групни изложби, а бил и дел од повеќе ликовни колонии.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *