КАКО ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ГО СПАСИЛА СЕЛОТО БОГОРОДИЦА ОД ЧУМА

WEB Телевизија во живо

Православната црква на 28-ми август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „УСПЕНИЕ“. Тој е поим кој во себе ги соединува: сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Низ цела Македонија верниците во манастирите или црквите што го носат името на Пресвета Богородица на празникот УСПЕНИЕ на Пресвета Богородица одржуваат масовни народни собири. 
 
Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Познатиот руски проповедник, Ростовски ќе каже дека побрзо ќе ги изброиме цветовите на пролетта и ѕвездите на небото, отколку добрите дела, богоугодноста и достоинството на Света Дева Марија. А, секогаш, овој празник посебно се празнува во населеното место кое го носи токму името на Мајката на Животот, населеното место Богородица.
 
Во Македонија, како што забележ ал уште чешкиот истражувач К. Јиречек, често ce јавуваат населби со името на Богородица, Многу населби на целата територија на Македонија го носеле нејзиното име, или биле изведени од него. Во досегашние истражувања’ на христијанската топонимија во Македонија евидентирани се преку 380 топоними со христијанско потекло , односно топоними кои во себе содржат христијански елементи. 
 
Изложено на силен политички и религиозен притисок од страна на исламската османска држава, македонското христијанско население поцврсто ce сплотило околу христијанската црква и со нејзина помош успеало да го зачува, низ вековите, својот етнички идентитет, да ja зачува и натаму да ja развива својата култура. Таквата состојба нашла свој одраз и во топонимијата. 
 
Со давањето на христијански имиња на населбите и на другите топоними, нашите претци ce спротиставувале на обидите за религиозна, културна и етничка асимилација и успеале да го зачуваат својот религиозен и културен идентитет, да ja зачуваат и натаму да ja развиваат својата материјална и духовна култура. Но, најголемиот број од тие места денеска повеќе не постојат.
 
Затоа, посебно треба да одбележиме дека населеното место Богородица, во Општина Гевгелија, е единственото место во Македонија кое го носи името на Пресветата Богородица. Ова место се наоѓа на крајната јужна страна на Гевгелиското Поле, а атарот на местото се допира со државната граница со Грција. Во XIX век, Богородица било христијанско-муслиманско село во рамките на Гевгелиската каза на Отоманското Царство, кое се занимавало претежно со земјоделие.
 
Граничниот премин „Богородица“ е отворен во 1973 година. Во последните неколку години околината на Богородица е посебно привлечна за изградба на хотели-казина.
Но, да се вратиме на празникот Голема Богородица и црквата Рождеството на Пресвета Богородица која постои во ова место .
Црквата е сместена на самото сретсело. Првично била подигната во XIX век, но се наоѓала на друго место. Денешната црква е изградена во 1911 година од страна мијачкиот неимар Андон Китанов, а иконостасот бил изработен во 1935 година од неидентификуван зограф од Галичник.
 
Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај македонскиот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име се изградени по соништа, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја.
Стефан Тановиќ, учител од Богородица, сведочи дека ова населено место името го добило поради тоа што тука во селската црква престојувала Св. Богородица односно нејзиниот дух.
 
Додека тука престојувала Богородица, се вели во ова предание, на сите во селото им било добро. Но во 1835 година во месец август, околу пладне , токму кога селаните вршеле, црквата се запалила и луѓето убаво виделе како Св. Бугуројца со иконата излетала од пламенот и застанала на камбанаријата. Потоа одлетала на север и повеќе не се вратила. Потоа селото почнало да страда, најпосле го зафатила и чума и малку требало сите да изумрат. 
 
Тогаш селаните се сетиле да побараат помош од нивната Св. Богородица којашто тогаш била во селото Конче, Радовишко. Луѓето кои тргнале до тоа село со себе носеле поклон, една литургија. Таа не се вратила но им кажала како да се спасат од чумата. Им порачала од дрво близнак да направат рало, да најдат два вола близнаци и двајца браќа, исто така близнаци, да ги прегнат тие волови, и со тоа рало да изораат една бразда околу селото, чумата веднаш ќе престанела. Откако тоа го направиле чумата престанала да беснее.
Тановиќ сведочи дека од тогаш селаните во Богородица веруваат дека нивното село не може да настрада од чума, зашто било изорано од браќа близнаци, волови близнаци и рало близнак.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *