ЈОРДАН ЈАНЕВ, АКАДЕМСКИ ВАЈАР:

WEB Телевизија во живо

МОЈОТ ДЕДО АНДРЕЈ ДИМКОВ, РОДЕН ВО ВЕЛЕС, СО СВОЈАТА ЧЕТА ПРВ ВЛЕГУВА ВО КРУШЕВО, ГО ЗАВЗЕМА УЌУМАТОТ И ПОШТАТА И НА КАМБАНАРИЈАТА ОД ЦРКВАТА ГО РАЗВИОРИЛ ВОСТАНИЧКОТО ЗНАМЕ.
 
По повод 120 години од Илинденското востание, Јордан,Дане Јанев не побара, да ни ја раскаже интереснатa приказна за неговиот дедо, легендарниот херој од Илинденското востание, Андреј Димков-Докурчев, роден во Велес, горноџумајски војвода, а што е уште поважно да ни ја осветли не само неговата улога во востанието, туку и врската на Андреј со фамилијата Делчеви и со гевгелискиот војвода Сава Михајлов. За време на Илинденското востание, Андреј Димков-Докурчев бил војвода на првиот одред во Крушевскиот револуционерен реон и на 2-ри спроти 3-ти август, активно учествувал во ослободувањето на Крушево. Во таа прилика тој раководел со 14 востаници од Крушево и со 52-ца востаници од село Крушеани и Света. Но, да почнеме со ред, ни вели при нашата средба Јордана Данев.
 
„Потеклото на фамилијата Димкови е од Велес, а своето презиме го добиваат по нивниот дедо Димко, кој пак имал син со име Тодорче. Во тоа време машките носеле кошули обвиткани на половината со појаси. Тодорче, кога одел на фурна да носи леб за печење, имал кусо кошулче, но држејќи ја таблата со лебови на рамото, кошулчето станувало уште покусо.. Така, гледајќи го фурнаџиите како доаѓа, на шега ќе кажеле, „Ете го доаѓа Тодорче, со кошулче, докурче“.
 
Така, на презимето Димкови се додало уште едно презиме-Докурчеви. Еден од тие Димкови-Докурчеви бил и мојот прадедо кој живеел во Горната маала во Велес. Со мојата прабаба имале четири сина. Најстариот син, чие име јас, со гордост го носам бил мојот дедо Јордан, по него се родил Милан, па потоа Владо а најмалиот син бил Андреј.
Мојата прабаба, нивната мајка била од познатата велешка трговска фамилија Киркови, чиј син Константин Кирков е еден од гемиџиите (познатите Солунски атентатори).
 
Храброста и правдољубието кај Андреј се развиле уште од мала возраст, за што говори и оваа случка.
Андреј бил палаво дете и најмногу сакал да се игра со другарчињата од маалото во сокакот каде покрај македонски, живееле и турски семејства, мнгумина од тие семејства работеле во градската управа. Најмногу сакале да си играат со камчиња. Во еден момент од зад дуварот на една куќа се појавил турски чиновник кој служел во полицијата. Во тој момент едно дете со камче, ненамерно го погодил во главата.. Турчинот налутено го фатил детето и го внел преку портата во својата куќа. Играта завршила, а вечерта родителите на детето кое било земено од Турчинот, оделе од попрта до порта да си го бараат детето.Децата кои играле со другарчето биле исплашени од Турчинот и се правеле дека не знаат каде е нивното другарче.
 
Наредниот ден, детето не се појавило, и Андреј од жал за своето другарче, иако имал само десеттина години, без да им каже на своите домашни, отишол кај Турчинот кој бил главен во Велес и му раскажал што се случило. Откако го слушнал ова, Турчинот веднаш го повикал службеникот кој го зел детето, и откако овој го признал тоа, му наредил веднаш да си ја собере фамилијата и да се отсели од Велес.
Турскиот службеник, враќајки се кон куќата каде живеел, свратил до куќата на своите комшии, Димкови-Докурчеви и им се заканил дека во најскоро време ќе ја ликвидира целата нивна фамилија.
 
Тоа било повод фамилијата Димкови-Докурчеви да се иселат од Велес и да заминат да живеат во Солун.. Бидејќи биле занаетчии, започнале да се занимаваат со шивачкиот занает. Мојот дедо Јордан, освен како шивач работел и како кадраџија(фотограф), а подоцна се запослил во една аптека која била веднаш до дуќанот од каде во 1903 година, почнал да се копа тунелот до Отоманската банка за време на Солунските атентатори. Со тоа Јордан станува дел од организацијата за изведување на атентатите, бидејќи еден од атентаторите, Кирков, му бил братучед.
 
Другите два брата, Милан и Владо работеле како чираци, додека најмалиот, Андреј, палавото момче работел како момок во поголем број на конзулати во Солун, каде работејќи, успева да научи да зборува француски, англиски, грчки и турски, па дури го поднаучил и еврејскиот јазик.
Бидејќи бил омилен во конзулатите, слушајќи, се здобивал со голем број на информации кои потоа ги пренесувал на состаноците на македонците кои се школувале во Солун. На тие состаноци тој станал член на Македонската револуционерна организација и потоа целиот свој живот го посветил на борбата на македонскиот народ за создавање на самостојна и независна македонска држава.
 
На еден од тие состаноци, Андреј слушнал дека во струмичко имало еден лош бег кој им го одземал имотот на селаните. Се пријавува како доброволец, оди во струмичко и го убива турскиот бег.
Од тој момент, Андреј заминува во илегала, во планина, Прво бил комита во четата на Андон Јанев –Ќосето, а потоа бил четник на војводите Михаил Попето и Крсто Асенов. Учествувал, заедно со Јане Сандански и Стефан Мандалов-Манданата од село Стојаково, во киднапирањето на мисионерката Мис Стон
Докурчев бил кратко време војвода на чета во Одринско, потоа, на свои 18 години станал и околиски војвода на Горноџумајско и член на Струмичкиот револуционерен комитет.
 
На 30 јули 1903 година во Биринската Планина, Крушевскиот востанички штаб одржал состанок на кој присуствувале Никола Карев, Тома Никлев, Иван Наумов – Алабакот, Андреја Димов – Докурчев, Питу Гули и потпоручникот Тодор Христов.
Андреја, според планот за кревање на востанието, со својот одред,и со подвојводата Коста Попето, требало да ги заземе уќуматот, телеграфско-поштенската станица, домот на државниот благајник и жандармеријата. Рано наутро , на 2 август, Андреј со својата чета прв влегува во Крушево, ја извршува поставената задача без да има загуби во битката, по што се искачува на камбанаријата на црквата и го закачува рволуционерното знаме кое било рачно изработено.
 
Публицистот Ангел Динев, гевгеличанец од Смоквица, кој бил и револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на ВМРО, македонски општественик, историчар и политички работник, во своите спомени запишал дека Сарафов цинично си поиграл со Груев „крадејќи му го Илинденското штабно знаме, кое беше единствената гордост и мал спомен на Дамјана“.
По задушувањето на востанието, Докурчев бил одново војвода во Горноџумајско во периодот 1904 и 1905 година. Во наредната 1906 година бил нелегален член на Струмичкиот окружен револуционерен комитет и ревизор на четите.
Андреј Димков, познат под псевдонимите Докурчев или Осман Бегович, загинал на 11 октомври 1907 година во Беровското село Будинарци, предаден од бугарски шпион .
 
Додека Андреј Димков бил војвода, тој му испраќал фотографии на својот најстар брат Јордан (мојот дедо), раскажува Јордан Јанев, кој во меѓувреме од Солун се преселува во Гевгелија и се жени за Анета, прва братучетка на војводата Гоце Делчев, и една од ќерките на Ѓоргија Делчев. Фотографиите, Андреј ги праќал по некој си поп од Смоквица. Дел од тие фотографии, вели Јанев, се предадени на Велешкиот музеј.
 
Тука ја завршува својата интересна приказна Јордан Јанев-Дане, во очи на големиот јубилеј, 120 години од Илинденското востание, за кој, за прв пат, во неговото интервју за „Вечер“ од минатата година дознавме ние и македонската јавност дека е правнук на славниот Гоце Делчев, но и внук на Јордан Димов Докурчев, чие име гордо го носи денеска. од мајка Катерина Димкова Докурчева (ќерка на Јордан Димков Докурчев и Анета Делчева) и од татко, Васил Јанев (син на Менка и Никола Јаневи) од село Серменин.
 
На заминување, Јанев ни открива дека во моментот работи на откривање и осветлување на еден интересен податок, кој вели дека предците на фамилијата Делчеви, всушност живееле во селото Мачуково, по грчки Евзони, код каде потекнува гевгелиската легенда Сава Михајлов, село кое е 5 километри далеку од Гевгелија, а подоцна се преселуваат во Кукуш. Но, вели Јанев, нека остане тоа за некој друг разговор.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *