ДОБРИЛА ЧАБРИЌ : „ИАКО ПАТУВАМ КОН СТОТКАТА, ЈАС СЕУШТЕ НЕ СУМ РЕКЛА СЕ ВО МОЈОТ ЖИВОТ“

WEB Телевизија во живо

Да се дојде во Дојран а да не се наврати на домаќинско кафе кај доајенката на македонското глумиште, која играла во првата претстава на македонски јазик „Платон Кречет“ и за единаесет години активна актерска кариера остварила 29 улоги, како и кај едната половина од некогаш мега популарното музичко „Дуо Нанос“, е навистина невозможно.
 
Додека го пиеме кафето и гледаме во белите облаци кои надвиснале над планината Беласица, Добрила ни кажува за половен автомобил, затоа што без ова превозно средство, не може да си го замисли животот. Тоа е, вели Доби, мојата „десна рака“. Потребен ми е за да стигнам секаде каде сум намислила во Дојран, Македонија и во Србија.
 
Кога ја спомнавме Србија, неизбежно е да се потсетиме на нејзината победа во мошне популарното музичко шоу, „Никогаш не е доцна“, кога ги воодушеви, не само гледачите, туку и жири комисијата, со која „претседава“ Саша Милошевиќ – Маре. Пред некој ден, истиот Маре, на прашањето на една новинарка, која натпреварувачка до сега му оставила најголем впечаток, без двоумење ја посочи Добрила Чабриќ, и додаде:
 
„Кога ми се јави Добрила Чабриќ и ми рече да го прочитам ракописот на нејзината нова книга, верувале или не, останав целосно без текст. Нејзината волја за живот, виталноста и енергијата што ја има, навистина влијае на нормалниот свет и дефинитивно ја објаснува суштината на животот. Човекот во животот често се прашува дали згрешил и не успеал, а таа со својот пример покажа дека во животот треба само позитивно да размислуваш и да одиш понатаму, без разлика дали на тој пат те чекаат цвеќиња или трња.“
 
Додека ми раскажува за дотичната изјава, Доби не заборава да спомене дека во соседна Србија е мошне популарна, што се потврди и на неодамнешната промоција во Белград и повеќе српски градови на нејзината автобиографска книга, „На патот кон стотката“. А, дека е популарна и во својот Дојран, самите се уверивме, кога слеговме крај езерото да направиме „фото сесија“. На секој чекор ја застануваа туристи кои летуваат во Дојран и кои сакаа да се фотографираат со највозрасната пејачка на Балканот, ако не и пошироко.
Додека таа трпеливо се сликаше, ја запрашав дали влегува во Дојранското езеро да се освежи. Па нормално, ми рече, тоа го правам секој ден, во раните утрински часови, затоа што тогаш водата е најбистра и најтопла.
 
Што се однесува до плановите за оваа есен, исто како што водителот Милошевиќ- Маре, останал без текст кога ја читал нејзината книга, јас, откако таа рафално ме запозна со големите нејзини планови, јас, што би рекол некогашниот спортски коментатор Младен Делиќ, со подзината уста само и кажав, „па пријателке Доби, зарем е тоа можно“.
На есен, Добрила планира да ја промовира македонската верзија на нејзината автобиографска книга, во Скопје и ширум Македонија. Книгата е преведена, се очекува нејзино печатење и, нормално промоција.
 
Во план, не застанува Доби, е соработка со една телевизиска куќа за снимање на шоу емисија насловена како „На кафе кај Доби“, каде таа би дочекувала гости од естрадата и шоу бизнисот, би пеела, глумела и играла.
„Мојот менаџер, продолжува Добрила, Саша Драгиќ, има напишано и снимено демо верзија за неговата композиција инспирирана од мојот живот, со наслов „Ти и јас“. Демо снимката е испратена до „Кроација рекордс“, од таму импресиите се одлични, и сега се бара пејач со кој би се снимил дует. Во игра се имињата на Стјепан Џими Станиќ, Раде Шербеџија и Томислав Маниќ. А, зашто не и со Том Џонс, бидејќи Саша е добар пријател со неговиот менаџер . Но, сепак, Доби би сакала тоа да биде Џими Станиќ, затоа што со своите 95 години, тоа би бил најстариот пејачки дует на светот. Доби веќе има во главата и замисла како би започнал и евентуалниот спот кој би се снимил за овој дует. „Бидејќи и двајцата сме возачи, спотот би започнал со наша случајна средба на некој семафор“, се смее Добрила.
 
Но, тука не престануваат плановите. Неодамна, Доби добила песна со наслов „Сеуште не сум рекла се“. Композитор и текстописец е нејзината добра пријателка Цветанка Миловановиќ- Сјеклоќа, аранжманот го направи Живојин Глишиќ, и сега се чека завршувањето на годишните одмори, по што би се влегло во студио за да се сними оваа песна. Бидејќи ја слушнав демо верзијата, можам да ви кажам дека се работи за прекрасна шансона со уште поубав текст.
И, на крајот, Добрила е во преговори со позната продуцентска куќа од Македонија која би се зафатила да сними или филм или пак серија, зависи од договорот, работена по нејзината книга, за која многумина се изјасниле дека е одлично сценарио за филм.
 
Ја оставам Добрила, во нејзината куќа во Дојран, на улицата „Браќа Миладиновци“ и, додека сонцето заоѓа и го бои со црвена боја Дојранското езеро, размислувам за тоа дека има многу пејачи и актери кои докажале дека навистина можат да направат нешто повеќе во својата кариера и да ја збогатат сцената и во постарите години. Примери има многу, а Добрила-Доби Чабриќ е еден од најубавите.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *