Постарите гевгеличани го познаваат многу добро, но, помладите, кога на улица ќе се разминат со човекот за кој денес пишуваме, не ни претпоставуваат дека поминуваат покрај вистински светски шампион.
Советот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) одлучи кои ќе бидат десетте шахисти, тренери и промотори во вториот дел од поддршката на ФИДЕ за шаховските ветерани за 2023 година. Меѓу нив е и истакнатиот велемајстор (ВМ) во проблемски шах од светски ков, гевгеличанецот Живко Јаневски. Десеттемина ќе распределат вкупно 25.000 евра, објави ФИДЕ.
Истакнатиот македонски велемајстор за шаховски композиции(создавање шаховски проблеми и студии), гевгеличанецот Живко Јаневски е на високото 3-то место според бројот на поени во албумот на Светската шаховска федерација(ФИДЕ) во периодот 1914-2021 година. Пред него се само Бугаринот Петко Петков,на првото, Французинот Мишел Кајо, на второто и Украинецот Михаил Марандјук, на третото место.
Живко Јаневски е двократен Светски шампион во компонирање на шаховски проблеми , група помошни матови, и тоа на Првото поединечно Светско првенство во компонирање на шаховски проблеми во Санкт Петерсбург, Русија 1998 и на Второто поединечно Светско првенство во Порторож, Словенија, 2002 година. На Третото поединечно Светско првенство во компонирање на шаховски проблеми, одржано во Евиа, Грција, го освојува третото место во групата самоматови и четвртото место во групата помошни матови.
За каков меѓународен велемајстор се работи, покажува и освоеното прво место и златен медал на шаховската олимпијада во компонирање помошни матови, во Нови Сад, во 1991 година. Како меѓународен судија од 1979, тој судеше и коментираше на повеќе од 100 турнири за шаховска композиција, вклучувајќи го и Олимпискиот турнир, Светскиот куп на ФИДЕ и Светското поединечно првенство во компонирање. За време на Светскиот шаховски турнир во компонирање (2003-2004), тој ја извршуваше престижната улога на директор.
Долг е списокот на освоени медали и учества на турнири, шампионати и Олимпијади. Освоил над двестотини први места на силни Меѓународни турнири. Беше редовен член на репрезентацијата на СФРЈ во решавање и компонирање на шаховски проблеми во меѓудржавните мечеви и на светските првенства. Од 1983 до 1991 година беше сојузен тренер на Југословенската репрезентација.
Во годините 1997, 1998, 2000 и 2001 ја освојува титулата Првак на Македонија во решавање на шаховски проблеми. Постојан член, капитен, селектор и тренер на Македонската репрезентација за проблемски шах од 1991 до 2005 година. Делегат на Македонија во комисијата за Проблемски шах во ФИДЕ од 1992 до 2005 година. Три пати е прогласуван за Спортист на годината на општина Гевгелија, а во 2000 година ја подели титулата Спортист на векот на општина Гевгелија.
Добитник е на Златната 7-мо ноемвриска плакета на општина Гевгелија и на Златната плакета на аховскиот сојуз на Македонија за заслуги во областа на шахот. Има објавено над 3000 шаховски композиции и неколку книги од областа на проблемскиот шах.
Инаку, тој е роден во Гевгелија, на 4 август 1953 година. Работел како програмер во фирмата Гемаком-Компјутери во Гевгелија, а од 2017 година е пензионер. Со шахот и проблемскиот шах активно почнува да се занимава од 1967 година.
Тој беше главен уредник на „Орбит“, негово проблемско списание што излегуваше 16 години (1999-2014). Јаневски напиша, уредува и отпечати и серија книги за шаховската композиција, како што се Антологија на македонскиот проблем шах (1987), Затворен круг (1993), АСП – Фатена со мојата имагинација (2004), Циклуси и стратегија на самоматови (2009), Живко Јаневски – Одбрани помошни матови (2009) и други книги“.