Советот на Општина Гевгелија, на својата последна седница, го прифати барањето на Здружение за граѓани со дијабетес за општините Гевгелија, Богданци и Дојран за поднесување иницијатива до македонското Собрание со цел измени во потребните закони и протоколи за набавка на најнови медицински помагала за сите лица со хронична здравствена состојба од областа на ендрокринологијата – дг. дијабетес мелитус тип 1 (lat. Diabetes mellitus T1D), E10, МКБ10
1. CGMs – системи за континуирано 24 часовно следење на гликемијата (т.н. сензори);
2. Инсулински пумпи.
Имено, во Република Македонија, според Регистарот за шеќерна болест изработен од Институтот за јавно здравје на Република Македонија, има 135 690 лица со дијабетес мелитус тип 1/тип 2, од кои 45000 лица се на инсулинска терапија, меѓукои и околу 600 деца и млади до 18 години.
За да функционира нормално едно лице со дијабетес на дневна основа мора да направи мерење на шеќерот во крвта односно да го отчита нивото на гликемија и тоа од 7 до 10 пати во денот, или во просек од 2000 до 3000 пати годишно, извршувајќи го истото со ланцети по прстите на рацете што предизвикува трајни последици по нивното здравје.
Дополнително, спасот за животот на едно лице со дијабетес е инсулинот, егзоген внесен инсулин преку инјектирање од инсулинско пенкало, најмалку 4 пати на дневна основа или минимум 1500 пати на годишно ниво. Заедничка слика, едно лице со дијабетес го “боде” своето тело околу 5000 пати во годината, 25000 пати во 5 години, до 150000 пати во 30 години од животот со дијабетес.
Со новите генерации и технолошкиот напредок во однос на терапијата и медицинските помагала (наведените сензори за континуирано следење на гликемијата и инсулинските пумпи), во светски рамки според нормите и протоколите, заради евидентните резултати во регулација на гликемијата доведуваат до подобар успех во третманот, лекувањето и продолжувањето на животот на лицата со дијабетес, вклучувајќи ги и децата како резултат на олеснувањето и одложувањето на тешките последици, болка и компликации, и трошоци.
За жал, освен инсулунските пумпи за децата, сензорите за континуирано следење на гликемијата и инсулинските пумпи за возрасните лица со дијабетес мелитус тип 1 не се достапни во нашата држава.
Да го олеснат сопствениот живот и/или животот на своите деца, лицата со дијабетес и родителите се приморани овие помагала да ги набавуваат по енормни цени (60-75 евра за 15 дневно траење на сензорот или 120-150 евра на месечна основа) што претставува до една половина од мининалната плата во РепубликаМакедонија, што не доведува до заклучок дека најголем % од лицата со дијабетес во согласност со животниот стандард не може да си ги дозволи овие помагала, а најмалку да озбезбеди нормален тек на животот и намален ризик од компликации.
Согласно тоа, поттикнати од потребите на лицата со дијабетес, нивните семејства и блиски, а во целост со европските здравствени практики, бараме како претставници избрани од страна на граѓаните, во служба на граѓаните, да го усвоите нашето барање и како позитивни заклучоци да го доставите до соодветните законодавни органи во државата, со крајна цел измени и дополнувања на постоечките законски правила за обезбедување на подобар и поквалитетен живот на лицата со дијабетес