МИТКО МУРЏЕВ-ЖИВА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА ГЕВГЕЛИСКИТЕ КУЛТУРНИ НАСТАНИ
Гевгелија можеби не е најјужниот град во државата, но толку сончевина и топлина, како и гостопримливи домаќини, кои ќе ве пречекаат со слатко од смокви и чаша студена вода, нема да сретнете во ниту еден друг град во Македонија. Гевгелија можеби не е толку голем културен центар, но од овие простори произлегла плејада на големи културни дејци, почнувајќи од револуционерот Аргир Манасиев, кој во 1909 година го формира првиот блех оркестар во Македонија, учителот и публицист Ангел Динев, ликовните уметници од најстарата генерација Зафир Хаџи Митров и Гисник, писателот Илија Карајанов, големиот хуманист, поет и хавајски гитарист, Илија Џаџев, една од нашите најдобри рок групи „Зијан“, па се до некогашниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите Георги Старделов.
Но, овој пат ќе ви го доближам човекот кој целиот свој живот го посветил на развојот на културата и уметноста во Гевгелија, човекот кој дал голем влог во организирање и одржување на културното живеење на својот роден град, човекот чиј живот бил необичен и различен од другите, човекот кој на дело покажал во што се состои еден убав и богат живот со смисла.
Митко Мурџев е еден од таквите ретки луѓе. Разговорот со него го водевме два-три дена во дворот на неговата куќа, и морам да признам дека неговата приказна за културните дејностите и настани кои ги организирал, и во кои самиот учествувал во текот на над 4 децении од својот живот во родниот град Гевгелија, во Македонија и во странство, ја слушав и ја запишував на десеттина страници, со подзината уста и начулени уши.
И, сега, кога стојам пред празниот „лист“ на мојот компјутер и се подготвувам да го пренесам до вас сето она што го чув, сето тоа ми изгледа како „невозможна мисија“. Како во еден новинарски текст да ги вметнам 40-те години на културно уметничкото делување на Митко Мурџев, кога во него треба да ги вметнам театарските претстави кои ги направил со Мите Грозданов, првите гитаријади во Македонија, ликовната колонија „Дојрана“, поетското списание „Јужен глас“ со Атанас Вангелов , изборот на Најдобар аматерски глас, заедно со весникот „Вечер“, вокално инструменталната група „Сиртаки“, двете снимени плочи за „Југотон“, со Наско Џорлев и Живко Дуев, од кои „Возовите што одат“ се продава во 150.000 примероци, раководењето со КУД „Јосиф Јосифовски“, фолклорните настапи во повеќе земји во Европа, учеството со Илија Џаџев на приредбата во Универзална сала посветена на солидарноста со Палестина и настраданите од земјотресот во Бања Лука, организирање гостувања на најголемите југословенски имиња од забавната и народната музика?
Но, морам невозможното да го направам возможно, па затоа ќе започнам со тоа кој е Митко Мурџев?
Роден е во 1942 година во населеното место Негорци, гевгелиско. Основно училиште завршил во Негорци, гимназија во СОУ „Јосиф Јосифовски“. Веќе во гимназијата го привлекува пишувањето поезија и членува во литературната секција. Во 2 година гимназија, при едно гостување во Велес, се запознава со Атанас Вангелов, кој е роден во Богданци, и успева низ разговор, да го натера наредните две години Атанас да дојде во Гевгелија. Тука во 1964 година, заедно со Дељо Каркалашев и Митко Стамков, го издаваат првиот број на списанието „Јужен глас“. Учествуваат во Лесковац и како литературна секција го освојуваат првото место.
По завршувањето на гимназијата Мурџев се запишува на Филозофскиот факултет, отсек книжевност, а цимери во студентскиот дом му се Атанас Вангелов Петре Бакевски и Сталин Лозановски, тројка од соништата. Факултетот не го завршува од едноставна причина што го привлекува мексиканската и грчката музика, па учењето го заменува со пеење и ја формира групата „Сиртаки“, во која покрај него членуваат Јанко Узунов, Живко Дуев, Насо Тодоровски, Митко Стоилов и Јанко Стојанов.
Во 1966 година, Митко и Илија Џаџев одат за Белград на Првата југословенска рок гитаријада на која победија тогаш популарните „Силуете“, Воодушевени од организацијата и атмосферата, по враќањето во Гевгелија решаваат да слична гитѕаријада направат и во Македонија. Така, во 1967 година се одржа 1 гитаријада во Гевгелија, во Народниот театар на која победници се „Златни стени“ од Валандово, додека наредната 1968 година, на 2 гитаријада која исто така се одржа во Гевгелија, во салата „Партизан“ победи домашниот состав „Воденички камења“, На овие гитаријади своите први чекори во музиката ги направија подоцна популарните Јанко Узунов, Ѓоко Дончев и Сашка Петковска.
Потоа, Мурџев со групата „Сиртаки“ настапуваат во Гевгелија и околните места, и во една прилика за нив слушнал тогаш популарниот Наско Џорлев. Тој ги поканува Митко Мурџев и Живко Дуев да му се придружат на неговиот оркестар. Направиле неколку демо снимки кои Џорлев ги пратил во Загреб. Од Југотон им се јавииле и ги повикале да потпишат договор за снимање на 2 плочи со грчка музика. Митко е автор на текстовите и вокал, заедно со Живко Дуев, на песни од грчки композитори за кои Југотон имал авторски права.
Во Загреб снимале 5 дена, а придружни вокали биле Уснија Реџепова и Петранка Костадинова. Плочата каде што беше песната „Возовите што одат“ за кратко време станува многу популарна и се продава во тираж од 150.000 примероци.. Со Наско Џорлев
Во 1969 година, Мурџев, кого тогаш почнале да го нарекуваат гевгелиски Теодоракис, доаѓа на идеја да организира натпревар за најдобар аматерски глас на Македонија и да им се даде шанса за неафирмираните пеачи. Организатори на овој избор наречен „Бараме нови гласови“ биле Работничкиот универзитет од Гевгелија и весникот „Вечер“.
Првиот музички карван кој посетил десеттина градови низ Македонија своето финале го имал на 29 ноември 1969 година во Гевгелија,Пеачите аматери ги придружувала групата „Сиртаки“ а за најдобар аматерски глас бил прогласен Ѓоко Дончев. Наредната, 1970 година, се одржал и Вториот музички карван на кој за најдобар вокал е прогласена Олгица Андонова.
Последен настап како вокалист Мурџев го има во Универзалната сала во Скопје во 1970 година, заедно со Илија Џаџев и групата „Сиртаки“ на Неделата посветена на солидарност со Палестинскиот народ и настраданите во земјотресот во Бања Лука.
Со оркестарот на Наско Џорлев во 1970 година Мурџев се подготвува да замине на голема југословенска турнеја, но поради тоа што во меѓувреме се вработува во КУД „Јосиф Јосифовски“,тој ја напушта групата на Наско Џорлев и се посветува на својата „прва љубов“ театарот.
Инаку, аматерски театар во Гевгелија е формиран во 1910 година а иницијатор бил гевгелискиот револуционер и културен деец Аергир Манасиев.
Но, според некои податоци уште во 1905 година во куќата на Аргир во селото Сеово, Егејска Македонија за прв пат на македонски јазик била изведена претставата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински. Во 1925 година е реактивиран овој аматерски театар од страна на Сава Павловиќ, тогаш цариник, како и Рајна Стамова и Ристо Камберов. Претставите се играле во кафеаната „Балкан“каде биле изведувани скоро сите дела на Нушиќ, а она што е интересно е фактот што самиот Нушиќ директно ги испраќал своите текстови до овој театар.
По ослободувањето, во1952 година во Гевгелија повторно е формиран аматерски театар, наречен Околиски народен театар, а во 1955 е изградена репрезентативна зграда на Народниот театар, кога е формиран и полупрофесионален театарски ансамбл, со што е остварен долгогодишниот сон на гевгелиските театарски аматери.
По иницијатива на околискиот народен театар во 1962 година се формира КУД „Јосиф Јосифовски“, со повеќе секции и аматерски театар. Во игра биле две имиња за ова друштво, Аргир Манасиев и Јосиф Јосифовски, но преовладало второто име. Прв претседател бил Бранко Ичоќаев. Во 1964 година друштвото ја добива наградата „7 Ноември“-сребрена плакета.
Во ова Културно уметничко друштво во 1970 доаѓа Митко Мурџев.Во тоа време, во Гевгелија својот воен рок го служи познатиот актер Мите Грозданов. При една средба, Митко го прашува дали би сакал да помогне при поставувањето на неколку претстави. Мите Грозданов прифаќа и со тоа започнува плодната и успешна работа на аматерскиот театар. Прво се поставува претставата „Црнила“ на Коле Чашуле со која на аматерските игри во Битола театарот ја освојува втората награда а глумецот Пене Узунов е прогласен за најдобар актер. За само две години постоење, аматерскиот театар дава над 60 претстави во Гевгелија и во Републиката.
Во 1973 година гевгелискиот аматерски театар ја добива наградата за најдобар аматерски театар во Македонија со што се стекнува со право да настапи на Југословенски театарски аматерски игри во Требиње, каде Мите грозданов добива награда за иновација и режија за „Трите едночинки“. Во 1977 година, аматерите од Гевгелија ја добиваат наградата на „Млад Борец“ за претставата „Јама“ од И.Г. Ковачиќ која ја играат пред преполнетата сала на Драмскиот театар во Скопје.
Друштвото долго време било носител и на сите други културни активности во градот се до 1995 година кога пожар ја уништува дотогаш убавата зграда на Народниот театар. Сепак аматерскиот театар продолжува да работи во Пионерскиот дом Гевгелија и во киното „Култура“. Својата последна претстава ја имаат во 2006 година, кога ја играат „Чија си“ на Сашко Насев.
Во Куд „Јосиф Јосифовски“ работеле повеќе секции меѓу кои и фолклорната. Како некогаш аматерскиот театар, оваа секција ги доживува своите ѕвездени мигови со тоа што го ширела македонскиот фолклор и надвор од нашите граници, од каде што често се враќале со многубројни награди и признанија. Со ората „Тешкото“, „Биљана“ и „Повардарие“, фолклорната секција на КУД „Јосиф Јосифовски“ настапувала во Грција, Франција, Словенија, Романија, Норвешка, Полска, Холандија.Тие се единственото фолклорно друштво од Македонија кое два пати настапило во грчкиот град Еласона, и тоа еднаш и со познатото оро „Комитско“.
Митко Мурџев е заслужен уште и за еден проект, Меѓународната ликовна колонија „Дојрана“. Првата се одржала во 1993 година додека последнат била во 2013 година. Целта на колонијата била да ги зближи уметниците од светот под медитеранското сонце на гевгелиското поднебје. Во тие 10 години постоење на неа учествувале повеќе од 160 уметници од разни страни на светот, кои создавале над 300 уметнички дела кои биле изложувани во земјата но и во Тревизо и Суза во Италија, во Сент Кателијне Вавер во Белгија и во Азбург, Франција.
На крајот, она што беше Џаро за цела Македонија и Југославија, тоа за Југоистокот на нашата држава беше токму Митко Мурџев. Тој ги носеше на гостување познатите солисти и групи, Здравко Чолиќ, Кемал Монтено, Тереза Кесовија, Нови Фосили, Оливер Драгојевиќ, а во една прилика беше организатор на гостувањето на познатиот актер Љуба Тадиќ со монодрамата „За војната, смртта и животот.“
Како признание за се она што Митко Мурџев направил за развојот на културата и уметноста, градот Гевгелија во 1994 година му го доделува најголемото општинско признание, наградата „7-ми Ноември“ за врвни резултати во културата.
Ќе завршам со еден цитат на познатиот гевгелиски поет Илија Карајанов:
„Уметниците создаваат за да постојат. Тие креираат за да бидат на сончевата страна на вистината. Тие градат мостови меѓу две епохи, меѓу времето сегашно и времето идно. Нивниот дух е вечно буден архипелаг низ меандрите на минливоста и Сизифовата истрајба.“
Јас само ќе додадам,
Животот на Мурџев е повеќе од прост збир на години и настани кои успеав да ви ги презентирам. Тој е несекојдневна личност, со широка душа и немирен дух, преполн со интересни идеи за творење и преобразување.Му посакувам добро здравје и да ја заврши конечно својата Монографија.




Прегледи: 257