Државата, како што извести Министерството за здравство, по добиени информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од утре, 13 јули 2023 година, ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза.
Согласно усвоеното, Владата препорачува:
• Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
• Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
• Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, a
• Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Согласно добиените информации, Владата одлучи:
• Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;
• Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
• Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;
• Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13 – 16 јули, односно во текот на следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување.