Утре, петок, 21 јули 2023 година, Библиотеката „Гоце Делчев“ организира предавање на тема „Историја на македонските жени во 19 век“. Предавач е професорот д-р Славчо Ковиловски, а предавањето, кое е во рамките на Гевгелиското културно лето, започнува во 20 часот во малата сала на Народниот театар во Гевгелија.
Откриена историја или историја на македонските жени во 19 век е предавање на проф. д-р Славчо Ковилоски од Институтот за македонска литература (ИМЛ), чија цел е да ги презентира познатите и непознатите македонски жени коишто оставиле своја трага во книжевноста, во образованието, во револуционерното движење, односно во јавниот живот во Македонија во 19 век.
Дел од овие учителки, револуционерки, богати граѓанки и сиромашни селанки оствариле значително влијание на просторот на кој живееле и делувале. Скриената историја што се наоѓа во македонските и странските архиви ни овозможува да се запознаеме со нивните животи, односно со нивните надежи, барања, стравови, очекувања, желби, радосни мигови и трагедии.
Во оваа група жени ќе ги споменеме: Митра Миладинова, Сирма војвода, Славка Динкова, Јанка Каневчева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, жените од фамилијата Робевци и други.
Предавањето, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, ќе се одвива преку архивски материјали, односно фотографии, писма и написи во тогашниот печат кои ги прикажуваат најразличните аспекти од животите на македонските жени во овој период.
Овие материјали се сведоштва дека македонските жени не биле само неми проследувачи на настаните, туку дека активно се вклучиле во одредување на својата судбина.