ЕЛЕНА ПОП КОСТОВА, МАЈКАТА ХРАБРОСТ КОЈА КАКО ЛАВИЦА СЕ БОРИ ЗА ЗДРАВЈЕТО НА СВОЕТО ЧЕДО :

WEB Телевизија во живо

„ЛУНА Е МОЈОТ БОРЕЦ, МОЈАТА МЕСЕЧИНКА КОЈА ЗНАЕ НИЗ КАКВА БИТКА ПОМИНУВАМЕ. ТЕШКО МИ Е МАМО, ПОМОГНИ МИ.“
 
Елена Поп Костова, од Гевгелија, е мајка на пет деца, , Леа, Ања, Лана, Луна и Стефан. Пред четири години пишувавме за неа и кога ја прашавме дали, доколку повторно може да се роди, повторно би одбрала да има многу деца, таа како од пушка ни одговори потврдно. „За мене, децата се најсветлата точка во мојот живот, за нив живеам, постојам и дишам. Тие се мојата најголема среќа во животот, поттик за борба и мотивација за животот. Ги воспитувам да ја ценат повеќе духовната отколку материјалната вредност на човекот, ги учам да се трудат во животот и никогаш да не се откажуваат од она што го работат и сакаат. Ги учам дека во животот не секогаш има само рози, ќе наидуваат и на пречки, но да не паднат со духот, да одат секогаш напред и да си одат по својата патека, да го прават она што им го вели срцето, да се уникатни и, што е најважно, самите да се обидат да си го направат животот поубав и да не чекаат некој друг тоа да го прави за нив.
Ги учам да не се откажуваат пред првата пречка, затоа што целиот наш живот е една непрекината борба, и ако понекогаш паднат, нека најдат сили, нека станат, нека стават убава насмевка на лицето и да продолжат понатаму.“
 
Но, животот воопшто не ја милувал Елена. Се борела за своето здравје, но како тоа да било малку, па сега како лавица се бори за здравјето на нејзината 14-годишна ќерка Луна. Луна нема умствена ретардација, нормална е, но во последните година ипол се бори со сколиоза. Пред некој месец биле во Истанбул, лекарите ја виделе и и рекле дека. е потребно што побрзо да се реагира и да се направи операцијата, бидејќи органите од десната страна веќе се потиснати, не се развиваат, и допираат до белите дробови.
 
Болеста на 14- годишната Луна Поп Костова се чини ја крена на нозе не само Гевгелија, туку и повеќе градови низ Македонија. Целата работа за собирање на 80.000 евра за неопходната операција во Турција започна со објавување на телефонските броеви за донирање на финансиски средства, за да потоа дечињата од Гевгелија, Валандово и Скопје ја земат работата во свои раце.
 
Тие ги продаваат своите домашно направени колачиња, мафини, крофни, лимонади, герданчиња и слично, се со една цел – да и помогнат на Луна.
Музичарот Георге Попов организираше свирка во кафе барот „У“ каде се собираа донации, а во петокот, на 21 јули, се одржа и хуманитарен концерт на Градскиот плоштад во Гевгелија .
 
„Многу сум благодарна на сите , на најмалите, на највозрасните, на Градоначалникот и Советниците на Општина Гевгелија, на Центарот „Мајка Тереза“, на ОО Црвен крст Гевгелија, Дневниот центар за лица со попреченост од Гевгелија, ЗГ „Калинка“ и ЗГ „Внимание“, изјави за„Вечер“, мајката на Луна, Елена Поп Костова, ден по овој хуманитарниот концерт.
 
Ја прашавме Елена колку средства до сега се собрани?
„До сега имаме собрано околу 45.000 евра, а јас се надевам дека ќе успееме до крајот на август да ги собереме потребните 64.300 евра за закажување на операцијата. Во оваа сума не спаѓаат средствата потребни за патните трошкови и престојот во Турција и дополнителните лекови за Луна.
 
Елена, каква е моменталната ситуација со нејзиното здравје?
Искрено да ви кажам, во моментот сме буквално во божји раце. Во петокот Луна имаше криза, па ја однесовме на ехо на абдомен и рентген на белите дробови кај доктор Енџекчев во Богданци. Докторот имаше лоши информации за нас. Едното белодробно крило кое и претходно, при раѓање, и беше помало од другото, и со намалена функција, сега веќе како да ја губи и таа мала функција, а на другото, кое е во ред, го притискаат ребрата. Луна моментално има тешка пневмонија и постојано е под маска со кислород.
 
Но, што е до мене како родител правам се за да успееме Луна да замине во Аџибадем во Турција и ќе ја водам оваа битка и понатаму. На 22 години го добив првиот шамар од животот, а сега на 37 сум подготвена да добијам уште пожешки шамари, само моето дете да биде здраво.
Елена, пред да им се заблагодари на сите хумани луѓе кои до сега донирале средства на било кој начин, на крајот од хуманитарниот концерт на кој настапија членови на драмската, ликовната и секцијата за ударни инструменти при Дом на култура“, Танцовото студио „Мистик“, како и бендот „Небула“, мошне емотивно им се обрати на присутните сограѓани:
 
„Луна во моментот се бори со најтешката битка во својот живот. Таа самата не го избра тој пат, ниту пак ние како семејство очекувавме такво нешто. Но, ќе кажам само дека никој од нас не знае што му носи животот, одеднаш се најдовме во таа приказна и се трудиме најдобро што знаеме и умееме да таа приказна има среќе крај. Секој што се соочил со ваков предизвик знае дека овој пат што го врвиме е многу тежок. Секоја мајка знае дека ќе направи се за своето чедо, и ќе ја даде сета сила, среќа, радост и душа за да му помогне. Единствена желба на секоја мајка е да има здраво и среќно дете, но судбината понекогаш знае да се поигра со нас и ги руши сите наши желби и радости.
 
Сакам да знаете дека најтешко ми паѓа кога треба да одговорам на прашањата на мојата Луна- „Мамо, зошто и јас не сум како другите деца, ќе успееме ли во оваа битка, дали моите болки ќе престанат.?
Тешко ми е мамо, помогни ми.
Но, знам дека ЛУНА е мојот борец, мојата месечинка, која знае низ каква битка поминуваме., и верувам дека ќе излеземе како победници“
Веќе година и пол Луна, заедно со поддршка на својата мајка Елена, храбро се бори со сколиозата која е во последен стадиум и бара итна операција во ACIBADEM Турција.
 
Затоа, драги хумани луѓе, да ги отвориме нашите срца, затоа што нашето малку за некој значи многу.
На следните броеви можете да донирате за Луна:
A1 143-478
T-mobile 143-103
За нашинците од дијаспората Go Fund Me: https://gofund.me/45bc4a15

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *