„БУМБАР И ШТИКЛА“, ИЛИ МОЖЕШ ДА МЕ ПОГЛЕДНЕШ И ПОД ОКО, ИЗЛОЖБА НА ЦРТЕЖИ НА МИЛЕ НИЧЕВСКИ

WEB Телевизија во живо

Денеска, сабота, 08 јули 2023 година, со почеток во 21:00 часот во кафе бар „наГоре“ (Нагоре) во Струмица ќе биде отворена изложбата „Бумбар и штикла“ на Миле Ничевски.
Ова е шеста изложба годинава на Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ (Kontext), дел од проектот #ЅидНаУметноста кој има за цел да презентира актуелни ликовни уметници од Македонија пред струмичката јавност и сите заинтересирани за тековните визуелни достигнувања на нашата уметничка сцена.
 
Миле Ничевски е добро познат на ликовната сцена во Македонија, тој е визуелен уметник кој освен делата на платно, најчесто ги користи стрипот, карикатурата, колажот, муралот и најразличните скици и цртежи преку кои со едноставни линии знае да пренесе одредени приказни амбиенти и директни пораки кои отворено комуницираат со гледачот. Тој креира уметнички дела кои се поврзани со времето и просторот кога се создадени, а неговиот автентичен и авангарден пристап го става на листата на најважните актуелни ликовни уметници на денешницата.
 
„Бумбар и штикла“ претставува селекција од цртежи преку кои тој воспоставува контакт со нашите предрасуди, стравови, изненаденост, илустрира моменти меѓу сонот и јавето, меѓу реалното и имагинацијата, дијалогот кој го гради со самиот себе како креатор и посматрач, храбро нижејќи го невозможното во целината на гледливото и возможно. 
 
Миле Ничевски преку овие цртежи документира една вистина која многумина сакаат да ја избегнат, открива светови кои најчесто повеќето ги кријат, остроумно доловувајќи ја перцепцијата на колективната меморија отаде земното и разбирливо. Со најпристапните материјали кои му се на дофат (молив, креда, маркер, дрвени боички, фломастери…) тој се расприкажува како длабокоумен писател кој отвора универзални портали, свесно поместувајќи ги границите на визуелното, ќе напише за неговото творештво, Митко Гогов.
 
Миле Ничевски дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Скопје – оддел – графика, а магистрирал на ЕУРМ, по предметот Визуелни комуникации.
Уште од студентски денови започнува да објавува стрипови, се бави со сликарство, вајарство, графички дизајн и илустрација, а исто така објавува стрипови и цртежи во специјализирани списанија и активно учествува на македонската културно-уметничка сцена. Неговите дела освен во Македонија се изложувани во Берлин, Тексас, Париз и други светски одредишта како дел од групни изложби на македонски уметници на меѓународни ликовни манифестации.
 
Добитник е на голем број награди и признанија за својата работа како сестран уметник, учесник на преку дваесетина домашни и меѓународни ликовни колонии, настапи во живо и фестивали, има реализирано повеќе самостојни изложби, а бил дел и од огромен број на групни изложби.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *