Првенец на генерацијата 2014/ 2023 година при ООУ „Крсте Мисирков“ е ученикот Андреј Димов. Него го красат скромност, одговорност, хуманост, праведност, истрајност, подготвеност за нови предизвици, чесност, и многу работливост. Неговите наставници и соученици велат едногласно дека Андреј чесно, работливо и заслужено стана Првенец на генерација.
За Тв Нова 12 Андреј ни кажа:
„За мене изминативе девет години претставуваа патишествие коешто ме изгради во личност којашто знае што сака и што може. Започнувајќи од четврто одделение одлучив да ги изложам моите амбиции, пријавувајќи се на натпреварите од делот на математиката и природните науки, а од тој миг математиката ми стана омилен наставен предмет.
Од тогаш до деветто одделение бев на многубројни натпревари на кои стекнав не само големи награди, туку и значителни искуства потребни за во понатмошното образование. Знам дека знаењето кое го стекнав во основното образование ќе се исплати и ќе ги претвори моите животни соништа во јаве. Поради стекнатите успеси неодамна бев прогласен за ,,Првенец на генерацијата 2014/2023’’ на ООУ ,,Крсте Мисирков”, за кое да се стигне е лесно доклку се сака и работи со труд.
Образованието коешто го стекнав ми ја разбуди желбата за негување на фолклорните традиции, зачленувајќи се уште на 9 години во ,,Ансамбл Бојмија’’. Исто така пред неполна година ме понесе силата на хуманоста, со што станав активен волонтер во Црвен крст, а од неодамна сум член и во Координативното тело на Клуб на Млади при ООЦК Гевгелија.
Мојот ентузијазам за нови успеси, знаења и цели не заврши со последното училиштно ѕвоно, туку ќе продолжи да владее со мене во средното образование, овде во Гевгелија, во коешто се запишав во природно математичката билингвална паралелка – комбинација А. После средното образование планирам да се определам на подрачјето на архитектурата или програмирањето…