Според Правилникот за избор и прогласување на ученик на генерацијата во СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија, Комисијата достави предлог, кој беше усвоен на Наставнички совет така што ученичката Златка Петрова е избрана за првенец на генерацијата 2019-2023 год.
Класен раководител во текот на четиригодишното средно образование и беше професорката по биологија Лилјана Андонова.
„Учеството во наставните и воннаставните активности за мене не беше воопшто тешко, бидејќи никогаш не ми беше приоритет да бидам најдобра меѓу најдобрите. Знаењето со кое се стекнав во целото досегашно школување за мене беше најважно од се’. Натпреварите на кои учествував не ги гледав како поле за натпреварување со останатите, за мене тоа беше проверка на знаењето. Постојано се трудев да ги утврдам границите на своето знаење, главна цел не ми беше да ги надминам другите околу мене туку да се надминам себе си. Клучот за успехот кој го живеам денес, е трудот кој многу трпеливо го вложував во нештата.
Постојано работев на себе си и на моите животни цели, кои водеа кон оставрување на моите соништа.
Покрај знаењето кое сега го поседувам, би сакала да потенцирам дека на патот до мојот успех моите родители заземаа многу важни улоги. Јас и сестра ми сме среќни деца, што имаме родители кои секогаш не’ подржуваат и стојат зад нас како планини. Најголема благодарност до нашите родители, кои ни го покажаа вистинскиот правец и не’ научија на вистинските животни вредности. Дозволија да го почувствуваме животот на своја кожа, ни посочија дека одењето по животната патека носи порази и победи, но исто така не научија никогаш да не ја наведнуваме главата, да не се откажуваме од нашите желби и соништа и да не се потчинуваме пред никого.
Најмногу се интересирав за предметите од областа на природните науки, како и за мојата пасија кон творењето и пишувањето. Кога сме веќе кај школувањето, гимазиското школување ќе го паметам по убавите моменти со моите соученици и тешкотиите кои ги надминвме. Ние како една од најоштетените генерации во досегашниот образовен ситем, поради пандемијата и онлајн наставата, можам да кажам дека сите заедно успеавме да се избориме со невозможното. Како резултат на нашата сплотеност и меѓусебното разбирање, денес сме успешни личности кои со сигурност ќе имаат голем просперитет во општеството. Патот кон животните цели е тежок и трнлив, но со многу вложен труд еден ден успехот е неизбежен.
Инаку, освен континуираното учество на натпреварите по хемија, математика, географија, физика и биологија (од кои би издвоиле прва награда по географија на регионален натпревар, како и две втори места по хемија регионален натпревар), ученичката има голем успех на државно и меѓународно ниво од областа на поезијата и прозата, под менторство на професорката Бисерка Макревска.
А, списокот на освоени награди и признанија е навистина импресивен:
– ТРЕТА награда за најдобра поетска творба на Меѓународната поетска манифестација за деца и млади „Пролет на сребрените соништа“ 2020 год.
– ВТОРА награда за најдобра поетска творба „Кула во сонот“, на Државниот годишен конкурс на друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“ -Струмица 2021год.
– Наградена поетска творба на Меѓународната манифестација „Охридски поетски бисер“ 2021год.
– Награда за поетска творба на тема „Учителот“ при Педагошки факултет -Битола 2022год.
Исто така, ученичката Златка Петрова оствари активното учество на:
– Меѓународниот книжевен конкурс „Рукописи 44“ 2021 год.,
– учество на Меѓународна манифестација „Пролет на сребрените соништа“ 2021 год.,
– Државниот конкурс за средношколски есеи при „Меѓународниот лавјански Универзитет“ во Св. Николе континуирано во годините 2020, 2021 и 2023 год. и,
– учество на Меѓународна манифестација „Замокот на Дуино“ во Трст, Италија 2023 год., како и,
– активното учество на Меѓународната Олимпијада по финансиска математика и актуарство ОФМА 2021 и ОФМА 2022 год. и уште многу други награди и признанија.