Во просториите на угостителската сала во СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија се одржа дисеминацијата од проектот Трендови во автомобилската индустрија (Trends in automotive industry) реализиран преку Еразмус+ програмата.
Пред присутните професори, родители, ученици и претставници на локалната самоуправа, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, се обрати директорката Марија Танева истакнувајќи дека преку престојот на учениците во земјите од Европската Унија овозможен од Еразмус+ програмата се создава поврзаност меѓу учениците во тимот, компензирање на идивидуалните слабости, подобрување на продуктивноста и конкурентноста и јакнење на нивниот потенцијал за активно учество во граѓанското општество. Исто така кај учениците се подобрува развојот на солидарноста и одржување на добри меѓучовечки односи.
Учениците од машинскиот сектор ги споделија стекнатите знаења и вештини од практичната обука во Р.Германија: професионални вештини, социјални и мултикултурни, интеграција во различни средини, одговорности, јазични подобрувања, конкурентност на пазарот на труд и други вештини и придобивки.
Во текот на дисеминацијата беше воспоставена видео врска со директорот од партнер организацијата од Германија г-дин Ахмет Киргин кој ги сподели заедничките искуства, како и поздравен говор за присутните од г-дин Хозе Мануел Луна од Валенсија, Шпанија (VET Erasmus+ Coordinator) со кој е договорена идна соработка.
СОУ „Јосиф Јосифовски“ континуирано ја продолжува соработката со Европски партнерски оганизации , преку проектите од Еразмус + програмата. Во рамките на проектот „Трендови во автомобилската индустрија “ во периодот од 18.04 до 02.05.2023, 14 ученици од квалификацијата машински техничар за моторни возила реализираа мобилност во Eсен, Р.Германија, под менторство на професорите Александар Делиџаков, Борче Нечевски и Ристо Диманчев кои учествуваа во размена на искуства и знаења (job shadowing), во соработка со партнерската организација за проектен менаџмент и консалтинг ПИНГВИН АКАДЕМИ од Келн-Германија.